По македонските пруги одново пешачат мигранти од камповите од Грција

Повторно се случуваат истите сцени по макакедонските пруги: преморени мајки со бебиња, мажи што за рака држат деца, чекор по чекор минуваат по дрвените прагови и шините.

И по должината на автопатот „Александар Македонски ” има мигранти што патуваат пеш, претежно кога ќе се стемни оти се плашат да не ги затече македонската полиција и да ги врати во Грција.
Волонтерите што помагаат во прифатните центри во Табановце и Гевгелија сведочат дека центрите се празнат од бегалци, но затоа по автопатите и пругите ги има стотици.
Хуманитарката Ленче Здравкин потврдува дека повторно пред нејзината куќа во Велес, која се наоѓа до пругата, поминуваат цели семејства мигранти, кои успеале да и избегаат на полицијата на границата и да стигнат пеш до тука.
– Повеќето од мигрантите што пешачат се од Грција, од кампот Идомени. Многу често помагам во камповите во Грција, па затоа слободно можам да потврдам дека во грчкото село Поликастро бројот на мигранти се зголемува, а не се намалува. Моја процена е дека ако до пред некој ден беа околу 2.000, сега сигурно се речиси 3.000 мигранти. Kај мене пред куќа не минуваат секоја ноќ, но кога доаѓаат, ги има стотина. Не бараат ништо, велат само вода и леб и фластер за нозете. Се е исто како порано. Од кампот во Грција во Идомени шверцерите им помагаат, наоѓаат патишта кај селата Богородица или Моин. Така барем ми кажуваат мигрантите. Доаѓаат и во помали и поголеми групи. Многу се уплашени, треба време да ги разубедам да земат помош. Се уште им подавам по нешто, иако веќе резервите ми се потрошени, но затоа сега месам леб, па секогаш барем на децата имам да им подадам парче топло лепче – вели Здравкин за “Дневник”. Помошта ја остава на камениот ѕид со кој е оградена железничката пруга во велешката населба Дворови.

Приведени 80 мигранти кои нелегално влегле во Македонија

Регионалниот центар за управување со кризи од Гевгелија и претставниците на Меѓународната организација за мигранти соопштија дека минатиот викенд за 24 часа македонските безбедносни сили привеле 80 мигранти кои нелегално влегле во Македонија и ги сместиле во Привремениот транзитен центар-Гевгелија.
Оттаму, по извршување на проверка од страна на МВР, тие се враќаат на грчка територија.
Во ПТЦ Гевгелија се уште престојуваат стотина мигранти кои останаа заглавени откако за нив се затвори балканскиот коридор.
Најголемиот дел од илегалните обиди за преминување на границата се случуваат источно од каменот 59, поточно на потегот од граничите населени места Богородица и Селемлија.

Останати вести