Официјално известување за состојбата со илегалните мигранти во Република Македонија

Министерството за надворешни работи на Република Македонија информира дека состојбата во Република Македонија е безбедна и стабилна.

Граничните премини со Грција и Република Србија се отворени и нема подолги чекања од вообичаените. Деловите од граничната линија каде се забележува транзитирање на илегални мигранти се под засилена контрола на безбедносните сили, обезбедувајќи нивни оптимален и непречен премин, согласно националните и меѓународните законски норми и повелби за заштита на човековите права. Во соработка со националните тела, Црвениот Крст на Република Македонија, УНХЦР и други бројни организации, Република Македонија, во рамки на можните капацитети обезбедува хуман третман за илегалните мигранти.
Засилената контрола од безбедносните сили на граничната линија со Грција и Република Србија се должи на донесување на одлука на Владата на Република Македонија за прогласување на кризна состојба на овие гранични линии, поради зголемениот наплив на илегални мигранти и потребата од одржување на мир и стабилност во национални рамки.
Одлуката за прогласување на кризна состојба во времетраење од 30 дена Владата на Република Македонија ја донесе на 19 август 2015 година. За оваа одлука, Министерството за надворешни работи официјално ги информираше Грција и Република Србија, како и останатите држави ширум светот, преку своите дипломатско-конзуларни претставништва.
Република Македонија досега презеде низа чекори и мерки во решавање на овој глобален проблем. Спроведе измени на Законот за азил и привремена заштита, со кои им се дозволува на мигрантите во времетраење од 72 часа да одлучат дали ќе поднесат барање за азил или ќе ја напуштат територијата на Република Македонија. Основа два привремени заштитни пункта за пружање помош на мигрантите во Гевгелија и Табановце. Во меѓувреме, ранливите категории на мигранти привремено ги сместува во Прифатниот центар за азиланти во Визбегово, во близина на Скопје. Се разгледува можноста и за отворање на Центар за мигранти. Во јуни се основа меѓу-министерско тело составено од Министрите за надворешни работи, внатрешни работи, локална самоуправа, здравство и труд и социјалната политика кое редовно се состанува со цел мониторирање на развојот на состојбата со мигрантите и превземање соодветни мерки за нејзино решавање. Во Јули се усвои и Акционен план со мерки за решавање на ситуацијата со зголемениот прилив на мигранти. Македонските безбедносни сили редовно се активни на терен со цел контрола и сузбивање на групите кои спроведуваат нелегални активности поврзани со пренос на мигранти.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи, вкупно, во овие два месеци, откако стапија на сила измените во Законот за азил, издадени се потврди на вкупно 41.414 странски државјани. Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија-33.461, потоа Авганистан-2.073, Ирак-1.947, Пакистан-1.198, Сомалија-561, Палестина-560, Конго-301, Бангладеж-230, Нигерија-142, Камерун-140 Еритреја-140, Етиопија-109, додека останатите се во помал број.
Во последните денови, дневниот прилив на илегални мигранти се проценува дека надминува бројка од околу 4.000, за разлика од почетокот на мигрантската криза, кога дневниот прилив достигнуваше бројка од околу 600. За континуираното зголемување на бројката на илегалните мигранти на територијата на државата, Република Македонија редовно комуницира со меѓународната заедница истакнувајќи ја потребата од помош во подобрување на лимитираните капацитети за справување со мигрантскиот наплив и во подобрувањето на соработката со останатите држави во граничната политика и граничната контрола. Во комуникација сме и со нашите соседи и со ЕУ и ОН, бидејќи се работи за проблем кој не е од или за Македонија, туку Македонија е само една од дестинациите која е дел од рутата. Бараме решение да се справиме со многу зголемен наплив.
За проблемот со мигрантите потребно е Европа да обезбеди заеднички одговор, бидејќи ниту една земја не може проблемот да го реши сама со сопствени ресурси. Република Македонија очекува третман од ЕУ како кон земја членка. Солидарноста и споделената одговорност ја истакнуваме како есенцијална. Не помалку е важна и потребата да се усвои унифицирана позиција во решавање на предизвиците со бегалците и итно да се адресираат долготрајните конфликти како примарна причина за појава на мигрантско-бегалската криза.
Република Македонија е подготвена да работи блиску со институциите и државите членки на Европската Унија во поддршката за понатамошен развој на мерките за справување со овој глобален проблем.

Останати вести