Осумнаесет македонски полициски службеници и војници се повредени откако биле каменувани и гаѓани со шишиња од страна на економските мигранти кај Котата 59, на границата со Грција.
Двајца полицајци имаат повреди на главата, а еден имал потрес на мозокот. Другите се со мали повреди по екстремитетите.
Демолирани се возила, скршени се штитови на полицијата и на Армијата, а ваквата реакција на мигрантите се случи откако утрото во саботата војската со помош на механизација почна да поставува бетонски столбови и ограда од жица висока 3 метра.
По краткиот конфликт и употреба на шок-бомби, состојбата е смирена.
Од АРМ нагласуваат дека постапуваат според Оперативниот план кој е направен од владиното Координативно тело и по добиените инструкции од последниот состанок на Советот за безбедност на Македонија.
Оградата ќе овозможи дополнителна безбедност за земјата и соодветен пропуст (канализирање) на бегалците од кризните региони кои и до сега се пропуштале.
Министерот Никола Тодорв, кој на чело на Координативното тело, изјави дека новата ограда е „само превентивна мерка”.
„Ние не ја затвораме границата. И натаму ќе пропуштаме мигранти од државите кои се зафатени со војна”, рече Тодоров.

Тодоров: Границата останува отворена
– Нашите безбедносни сили имаат уставно право и обврска да ја чуваат и штитат границата и тоа многу успешно го работат, како што и хумано се однесуваат кон мигрантите. Хуманоста и безбедноста не се двојат, тие одат заедно, изјави во Гевгелија министерот за здравство, Никола Тодоров во функција на раководител на Управувачкиот комитет за менаџирање со бегалците.
Неговата изјава е во врска со саботниот инцидент, кога мигранти од грчка територија на македонско-грчката граница фрлаа со камења кон македонските полицајци и припадниците на АРМ кои ја поставуват жичаната ограда на ова место.
Тодоров уште изјави дека „границата останува отворена и понатаму и дека протокот на мигранти од подрачјата со воени дејства (Сирија, Авганистан и Ирак) е вообичаен и тече без проблеми од нивното доаѓање во Прифатниот центар до нивото заминување кон север”.