1,000 години од добивањето на Канонскиот Легимитет-Томос на Охридската Архиепископија

Минатава сабота во Мелбурн се одржа Свечена духовна академија како најдалечниот престол на Светиклиментова црква по повод јубилејната “1,000 годишнина од добивањето на канонскиот легимитет на Охридската Архиепископија (1018-2018); 60 години од нејзиното возобновување во лицето на Македонската Православна Црква (1958 – 2018); 1,155 години од Славната Моравска мисија на Дветите Браќа Св.св. Кирил и Методиј, сесловенските учители и просветители; и Трисагија и Помен по повод 5 годишнината од упокојувањето на првиот Митрополит Американско-канадско-австралиски г. Кирил”.

Програмата започна со Света божествена Златоустова литургија во Епархискиот Соборен храм „Успение на Пресвета Богородица” на 340 Sydenham Rd. во Сиднам.
На Литургијата богослужеше старешината на храмот протојереј – ставрофор Ефтим Бетински во сослужение на архимандритот Гаврил (Галев) и на гостинот од Руската задгранична црква во Австралија, протојереј-ставрофор Јован Димитров. Пред присутните за време на Литургијата беседеше отец Ефтим. На Светата Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
После Литургијата се отслужи Помен по повод 5 годишнината од упокојувањето на првиот Митрополит Американско-канадско-австралиски г. Кирил.
За време на поменот се обрати заменик претседателот на Македонската православна младина на Австралија, др. Ананија Ананиевски, кој укажа дека: „Поменот беше во знак на благодарност за сè што направи за сите нас владиката Кирил, за неговата неизмерна грижа и љубов околу обединувањето на македонскиот народ во прекуокејанските земји, организирајќи ги во формираните над 40 црковни општини, кои до денес со почит се сеќаваат на неговиот спомен, кој не бледнее…”
На Духовна Академија имаше настап на Рускиот православен хор „Св. Владимир Велики и кнез Руски” при Московската патријаршија и беше одржана и промоцијата на книгата на Архимандритот Гаврил (Галев), игумен на македонскиот православен манастир „Свети Климент Охридски” во Кинг Лејк.
Присутните беа запознаени со содржината на книгата “Добродетелите во Лествицата на свети Јован Лествичник и Египетскиот отечник” од страна на отец Гаврил, кој како автор кратко посочи: “дека во делото накратко се разработени теми од Лествицата и Египетскиот Патерикон, кои преставуваат неисцрпни и постојано актуелни енциклопедии и кодекси на вистинско христијанско живеење во Светиот Дух.
Книгата е прирачник за секој христијанин на патот кон Царството Божјо.
На тој пат на очистување подвижникот поминува три нивоа на духовен растеж: чистење на срцето, просветлување на умот и обожување.
Тој е единствениот пат кој нè води кон изгубениот рај” – меѓу другото истакна отец Гаврил.

Останати вести