Традиционалниот Охридски бал во Мелбурн

Социјалното друштво “Свети Наум Охридски” од Мелбурн во саботата, на 2 јули, го одржа надалеку прочуениот бал во Емералд рецепција.

Настанот беше целосно распродаден одамна и на него настапи деветчлена експедицијата музичари од Македонија со пејачките ѕвезди: Сузана Спасовска, Благоја Грујовски, Милица Кузмановска и Ибуш Ибраимовски. Нив ги пратеа извонредните музичари: Јане Рафаиловски, Игор Димовски, Илија Тотовски, Ташко Грујовски и Далибор Ефтимовски.
Добрите организатори, Охридското Социјално Друштво “Св. Наум Охридски”, приреди извонредна музичка вечер што ќе се памети за 33–от традиционален бал по повод патрониот празник.
Кумови на годинашната слава беа Љупчо и Ленче Костадиновски со фамилијата, а славата ја благословија о. Ефтим Бетински и игумен Гаврил од “Успение на Пресвета Богородица” од Сиднам.
Главен спонзор на годинашниот бал е фамилијата Филеви од Охрид, прочуена по изработката на бисери веќе 130 години, и „Falanga Travel” од Мелбурн, преку која патуваат гостите од Македонија.
Како што информира претседателот на друштвото Васко Ангеловски, собраните средства од влезниците за балот и оваа година ќе бидат наменети за помош на Геријатриското одделение при Оп­штата Болница во Охрид како и други хуманитарни проекти.
Охридското социјално друштво „Св. Наум Охридски” од Мелбурн Австралија, повеќе од три децении ги помага немоќните и социјално загрозените граѓани во Охрид и одржува силни врски со родниот крај. Поради своите хуманитарни активности, ова здружение ја доби и Повелбата на Република Македонија за македонските иселенички организации „Македонија памети” од претседателот на Македонија Ѓорге Иванов.
Кумови за наредната година се Зоран и Валентина од познатиот „Балкан Фреш Бурек”.

Останати вести