ОБЈАВЕНА ПРОГРАМАТА НА НАЈГОЛЕМИОТ ФЕСТИВАЛ
Познатиот мецосопран, примадоната Елина Гаранча од Летонија, ќе настапи на концертот со кој ќе биде отворено 56. издание на фестивалот Охридско лето, соопшти деновиве раководството на Фестивалот. Таа во охридскиот Антички театар ќе настапи со оркестарот на Македонската опера и балет, со кој ќе диригира Јон Марин од Австрија.
Традиционално, фестивалот ќе биде отворен на 12 јули. Публиката ќе може да види повеќе од 50 музички настани, девет театарски претстави, пет изложби и осум филма од ризницата на „Вардар филм”. Охрид ќе биде домаќин на 800 уметници, изведувачи и автори од 18 земји во светот.
Директорот на фестивалот, Оливер Арсовски, кој прва година раководи со Охридско лето, напомена дека концепцијата нема многу да се менува, но ќе се воведат содржини, привлечни и атрактивни за пошироката публика, но тоа ќе биде во дополнителна програма.
– Тоа се одредени уметнички активности што би се реализирале на охридските сцени во текот на целата година – рече Арсовски.
Во текот на сите 40 фестивалски дена ќе има квалитетна и атрактивна програма со врвни светски уметници, рече селекторката на музичката програма, Гордана Јосифова-Неделковска.
– Ќе можеме да чуеме некои од најголемите и најзначајни уметници на денешницата, како Гаранча, Максим Венгеров, Вадим Рјепин, Артуро Сандовал, Фазил Сеј, Ана Веницкаја, Роман Симовиќ. За концертот на 4 август, кога го прославуваме роденденот на фестивалот, првпат ќе имаме роденденски концерт со познат македонски уметник – виртуозот на гитара Дамјан Пејчиновски, кој се повеќе ја освојува меѓународната сцена заедно со своето трио – рече Јосифова-Неделковска.
Драмскиот дел од фестивалот е посветен на великанот Вилијам Шекспир и одбележувањето 400 години од неговата смрт. Мотото на програмата е „Славејќи го Шекспир, ја славиме слободата”. Ќе бидат изведени „Магбет”, „Сонети”, „Kомедија на грешки” и „Ноќ спроти Водици”. Селекторот Ѓорѓи Јолевски рече дека вљубениците во театарот ќе може да го видат и најновото остварување на режисерот Александар Баргман од Русија, кој го поставува Ремарк со делото „Бар Ремарк”, потоа Јернеј Лоренциј со „Спобудалената локомотива” на Виткиевич, Хоријаш Суру со „Арт оркестар”, Маргарита Младенова и Иван Добчев со проектот „Гогољ”. Охридско лето ќе заврши со концерт на театарска музика, своевиден алхемиски проект „На светов убавина” на Горан Трајковски.
Амбасадата на Kралството Шпанија во Македонија го номинира Охридско лето за престижната награда Princess od Asturias Awards, која ја понеле големи и значајни имиња, како Френсис Форд Kопола, Рикардо Мути, Леонард Kоен и други светски личности.
