Заврши 54. Издание на „Охридско лето“: фестивал на високи уметнички дострели

Со претставата „Роденденот на господин Нушиќ” од Душан Ковачевиќ, во изведба на театарот „Звездара” од Белград, беше затворено 54. издание на фестивалот “Охридско лето”.

 

Сумирајќи ги изминатите 40 фестивалски денови, директорот на “Охридско лето”, Елизабета Јанкуловска и селекторите Гордана Јосифова-Неделковска (за музичкиот дел) и Ѓорѓи Јолевски (за драмскиот дел) дадоа краток осврт.
– Реализиравме 54 претстави, односно се што беше планирано. Забележавме рекордна посетеност – над 25.000 посетители на фестивалските настани. Го вративме балетот на фестивалот, поставивме покриви на две сцени – на Античкиот театар и на сцената во Долни сарај. Веќе мислиме на наредното, јубилејно, 55. Лето, работиме на филм, на отворање на Спомен соба, ќе имаме и Галерија од подарени слики на досегашните учесници на нашите ликовни изложби, рече директорката Јанкулоска.
– На годинашните музички настани имавме нов раст на бројот на публиката, а ексклузивна публика од странство доаѓаше специјално за одредени настапи. Светските звезди, повторно беа дел од фестивалот. По традиција, во Античкиот театар стартувавме со светските мега ѕвезди – Барбара Фритоли и Лео Нучи. Во Охрид допатува светската пијанистичка елита: Елизавета Леонскаја и “генијот на клавијатурите”, Аркадиј Володос. Во “Света Софија” настапија виолинистичките звезди на денешницата: “Кинескиот Паганини”, Нинг Фенг и бравурозниот и технички совршениот Кирил Трусов. За пошроката и помлада публика го донесовме музичко – театарскиот перформас “Вока пипл”, потоа најпродаваниот крос – овер пијаниост на денешницата Максим Мрвица, како и Немања Радуловиќ, уметникот кој ја вознесе публиката во Антички театар. Со сето тоа фестивалот, уште повеќе се зацврсти на светската мапа на фестивалите, резимираше Јосифова – Неделковска.
Ѓорѓи Јолевски, пак, оцени дека овогодишната драмска програма донесе “театар на солзи и смеа”, различност во жанровите. Публиката го доби очекуваното. Имавме две премиери: “Ждрело” со Драмски и “Предавање” со Албанскиот тертар од Скопје, кои се “чеда на фестивалот”, а уште долго ќе се играат на матичните сцени. Во Охрид оживеааја духовите на Шекспир, Гогољ и Нушиќ. Откривме нова сцена во “Заливот на коските” со Маѓели и Црногорскиот театар. Можеби беше малку амбиентален театар, но за догодина јавно ветувам излегување од затворениот простор на кино – салата на Домот на културата “Григор Прличев”, рече селекторот Ѓорѓи Јолески.

Останати вести