Mакедонците-муслимани од Oктиси не сакаат православен учител

Родителите на учениците со исламска вероисповед во ОУ „Единство” во Октиси решиле да го бојкотираат учителот Ристе Станковски бидејќи тој се залагал за обновата на црквата чие изградба не ја одобруваат муслиманите и предизвикаа тензии во ова струшко село.

Бојкотот започнал со почетокот на учебната година кога Станкоски, кој е член на селскиот црковен одбор, требало да почне да им предава на учениците во второ одделение. Наместо тоа, родителите на средбата, која ја иницирале луѓе блиски до иницијаторите на отпорот против христијанскиот храм, решиле категорично да побараат од директорот на училиштето Станкоски да биде изземен. Барањето било прифатено и оттогаш тој оди во училиштето, но не добива никакви работни задачи. На децата сега им предава учителка која е со исламска вероисповед.
– Ваквата реакција на родителите очигледно се должи на нечии инструкции за да ми се одмаздат поради ангажманот за градбата на црквата. Тоа не е во ред бидејќи не може така да се постапува со некој што во ова училиште ги образувал и ги воспитувал децата веќе цели 33 години. Решение за изградба на параклисот ќе се најде, а во тоа сега се вклучени и верските поглавари. Поради тоа не може родителите да го прогласуваат учителот за неподобен да им предава на децата – ни изјави за “Дневник” Станкоски.
За овој случај тој го информирал и Државниот просветен инспекторат, кој сега го разгледува случајот. Станкоски наведува дека му било предложено да предава во паралелка која допрва би требало да биде составена и во која би учеле само деца на родителите со православна христијанска вера.
– Тоа е за мене неприфатливо и би значело почеток на верската поделба во училиштето, со која паралелките би почнале да ги делиме на исламски и на православни. За такви поделби нема место во училиштата и јас тоа нема да го прифатам – потенцира Станкоски.
Директорот на училиштето Аљиљ Рочи ни рече дека ситуацијата е таква бидејќи реагирале родителите.
– Деновиве планирам да се сретнам со колегата Станкоски за да разговараме како да се најде решение за настанатиот проблем – ни рече директорот Рочи.
Инаку, во ова училиште наставата се изведува најмногу на македонски наставен јазик бидејќи тој е мајчин јазик на повеќето од жителите со исламска и со православна христијанска вера. Но неколку години претходно некои од родителите, чии деца дотогаш учеле на македонски јазик, побарале наставата да се врши на албански јазик. Kако резултат на тоа сега во училиштето има и настава и на албански јазик за учениците од прво до четврто одделение. Ова училиште, кога било формирано, било само за настава на македонски јазик со оглед на тоа што во селото живеело само македонско население со исламска и со православна христијанска вера. (“Дневник”)

Верските поглавари ќе се сретнат оваа недела

Поглаварите на МПЦ-ОА и на ИВЗ, најверојатно, ќе се сретнат оваа недела за да се обидат да најдат решение за спорната изградба на параклисот во Октиси. Причината за тоа е што реисот-ул-улема Сулејман Реџепи имал планирани службени обврски. Струшкиот муфтија неодамна се нафати да ги убедува своите верници да ја дозволат изградбата. Дознаваме дека за исламските верници било спорно и тоа што новиот параклис треба да има кубе какво претходно немало на стариот објект. Kај православните жители имало подготвеност за ова да се постигне компромис.

 

Останати вести