Олабавување на мерките и задолжителни маски за сите, полицијата ќе фотографира за доказ

Почнува со жителите на Прилеп, Куманово и Тетово – не смеат да излегуваат без покривка за носот и устата на места каде нема услови за соодветно дистанцирање. 

Македонската Влада на 8 април воведе забрана за движење секој работен ден од 16 часот па до 5 часот следното утро, а 24-часовен полициски час за време на викендите. Сега вели дека е дојдено време за олабавувањето на рестрикциите и тоа ќе оди во фази.
Во првата фаза се скратува времетраењето на полицискиот час: во делници од 19 навечер до 5 следното утро, а за време на викенд од сабота во 13 часот до понеделник во 5 наутро. Но задолжително сите ќе мора да носат маски (шамии, шалови.. или било што за да се покријат устата и носот) кога се на отворено или во затворени простории кога нема услови за одржување на задолжителната дистанца, потврдија од Владата.
Со релаксирањето на мерките се овозможува двојно зголемување на времето за престој надвор: за пензионерите од 8 до 12 часот, а за младите лица до 18 години, од 13 до 16 часот.
Целта е да се создадат услови за повеќе движење, а притоа да се гарантира заштитата.
Задолжителното носење на маски/шамии/шалови од средата веќе започна во 3 града: Прилеп, Куманово и Тетово. Жителите не смеат да излезат без покривка на носот и устата надвор од своите домови, на сите јавни места и површини од отворен и затворен тип, како и затворени простории, маркети, продавници, пазари, автобуси и сл. – секаде каде што не може да се одржуваат задолжителните 2 метра растојание.
Полицијата ќе изрекува мандатни казни за лицата кои нема да ја почитуваат оваа уредба. За да нема дилеми дали казната е регуларна или измислена, полицајците ќе мора да го фотографираат граѓанинот што е затекнат без маска.
Првата недела прекршителите на уредбата ќе добиваат само опомени, а потоа ќе се казнува.
Кривично ќе се гони и групирањето на повеќе од 5 лица
Со цел поголемо почитување на мерките и намалување на потребата од воведување нови рестрикции, Владата го задолжи Министерството за правда да подготви и за наредната седница на Владата да достави уредба со законска сила во која правно ќе се нормира начинот и изрекувањето на мандатни казни (што ќе може да ги изрекува полицаец на самото место).
– Групирањето над 5 лица ќе се смета за кривично дело. Ќе има кривична одговорност и за непочитување на минимум потребното растојание од два метра и неносење на заштитна опрема, велат од Владата.
Ќе пазари само еден член на семејството
Владата го задолжила Министерството за информатичко општество и администрација да подготви и за наредната седница на Владата да достави протокол и анализа со која ќе се регулира систем на набавка на прехранбени продукти и лекови, од страна на само еден член од семејство/домаќинство.
„Согласно одлуките, мерките и препораките на Владата, граѓаните да го редуцираат излегувањето од своите домови, тоа да го прават само од најнеопходни причини, односно заради одење на своите работни места, како и излегување од својот дом на само еден член од семејството заради купување на намирници и лекови од маркетите и аптеките”, се вели во одлуката на Владата.
Резултатите од тестот се чекаат во изолација
Владата го задолжи Министерството за здравство да подготви и за наредната седница на Владата да достави предлог – уредба со законска сила која правно ќе се нормира прашањето во однос на воведување на задолжителна самоизолација за сите граѓани кои вршат тестирања за ковид-19, најмалку до моментот на добивање на резултатот, согласно епидемиолошката анкета.
Банките предвреме да ги поделат пензиите
Владата им препорача на деловните банки од петок (24 април) предвреме да им ги стават на располагање на пензионерите априлските пензии. За да нема гужви тие ќе си ги подигаа пензиите од банкомати според распоред:
– на 27 април пензии со висина до 11.000 денари;
– на 28 април пензии во висина од 11.001 денари до 14.000 денари;
– на 29 април пензии во висина од 14.001 денари до 18.000 денари;
– на 30 април пензии во висина над 18.000 денари.

Останати вести