Укинувањето или ограничувањето на правото на глас на граѓаните на Република Македонија кои живеат надвор од земјата има потенцијал да ја загрози врската помеѓу дијаспората и татковината, се вели во еден од заклучоците на студијата насловена како „Решавање на институционалните препреки за Македонците кои живеат надвор од Република Македонија”, а изработена по нарачка на Обединетата македонска дијаспора (ОМД).
„Владата на Македонија треба да воведе поштенско или електронско гласање, да отвори повеќе конзулати и да формира министерство за дијаспора. Овие реформи се веќе применети и испробани во низа други држави и се силни политички инструменти за зајакнување на демократијата и економијата на една нација”, пишува во студијата. Дијаспората предлага отворање на конзулати во Лос Анѓелес, Сиетл и Хјустон во САД, во Сиднеј и Перт во Австралија, во Ванкувер во Канада и Диселдорф во Германија.
Авторот на студијата е Гавин Копел кој го анализира уредувањето на ова прашање во други држави низ светот.
„Наместо да се отуѓуваат овие граѓани со нивното исклучување од политичките процеси, македонските власти треба да бараат начини за нивна политичка и економска интеграција со татковината. Подлабоката нивна политичка инкорпоорација ќе ги охрабри Македонците кои живеат во странство да инвестираат во татковината”.
ОМД предлага гласање преку мобилни електронски гласачки кутии или преку Интернет. Дијаспората од Италија од 2001 година гласа преку пошта. Неколку земји ја користат предноста на електронското гласање, па дијаспората гласа и на локалните и на националните избори. Во Бразил дијапосрата електронски гласа од 1996 година.
Технолошките предности од неодамна се користат за време на изборите во Канада, Норвешка и Индија. Во Естонија и Холандија може да се гласа и со излегување на избирачките места, но и преку пошта, преку Интернет…