Обединета македонска дијаспора (ОМД) и Македонско-канадската адвокатска асоцијација (МКАА) испратија писмо до престижниот американски весник „Њујорк тајмс” во врска со учеството на новинари од весникот во овогодинешниот Атински демократски форум. Форумот се оддржува од 9 до 11 октомври во Атина, каде грчки интелектуалци ќе бидат придружени од истакнати новинари од „Њујорк тајмс” и ќе дискутираат на теми поврзани со демократијата.
ОМД и МКАА (асоцијација на повеќе од 70 успешни адвокати со македонско потекло) повикуваат новинарите на весникот да покренат дискусија за грчкиот третман кон своите малцинства.
Двете организации истакнуваат дека форумот за владеењето на демократијата е екстремно важен, но исто така дека начинот на кој земјата домаќин на форумот ги третира етничките малцинства треба да биде истакнат за време на дискусиите. Во писмото се вели дека грчката држава, покрај својата само-идентификација како лулка на демократијата, со децении спроведува мерки кон македонското малцинство кои се спротивни на кои било демократски принципи.
Со цел осврнување врз многубројните прекршувања на основни човекови права на Македонците во Грција, писмото ги наведува извештаите на неколку светски организации кои детално ја презентираат состојбата со малцинствата во Грција. Особен акцент е ставен на систематската и долготрајна кампања против македонското малцинство во Грција, почнувајќи од егзодусот на Македонците од Егејска Македонија, па сè до конкретните мерки кои до овој ден го отежнуваат животот на Македонците во Грција.
„На Македонците во Егејска Македонија им е забрането користењето на зборот македонска при регистрирање на малцинските организации, што претставува флагрантно кршење на правото на слободна асоцијација и изразување на културна автономија. Исто така, на Македонците во Грција им е забрането формирање и регистрирање на македонска црква, што за една (не)демократска земја претставува брутално потиснување на верските слободни. Покрај фокусот на недемократските мерки на грчката влада против своите малцинства, писмото се осврна и на политичкиот притисок од страна на Атина врз македонските власти за промена на македонското име, идентитет и национална свест. После многубројните уцени и вета Грција конечно успеа, на недемократски и суров начин, да принуди потпишување на капитулациониот Преспански договор, со кој се потиснува постоењето на македонскиот идентитет”, се вели во писмото на ОМД и МКАА.