One Nation – клучна на изборите во Квинсленд

За Полин Хенсон, ли­дер­ката на пар­тија One Nation, ова е можеби почеток на врвот на нејзината политичка кариера, а анкетите покажуваат оти е на патот да стане клучна личност на државните избори во Квинсленд и да одлучи кој ќе стане премиер.

Премиерката Анастасија Палазцук на 29 октомври ги свика изборите за 25-ти ноември и ги испрати граѓаните на избирачките места, два месеци порано од предвиденото. За лидерското место ќе се бори со лидерот на Либералната национална партија (LNP), Tим Николс. Минатата недела Полин Хенсон ja обвини Анастасија Палазцук дека e „кукавица”, зошто ги свика изборите за време на нејзината посета на Индија, знаејќи дека лидерката на партијата One Nation ќе ја пропушти првата недела од кампањата. Но, се чини дека нејзиното прекуокеанско патување не и наштети на партијата. Лабуристите водат пред LNP со 52 наспрема 48 отсто, а кога станува збор за наклоноста на гласачите кон овие две партии, анкетата што ја спроведе Galaxy Poll за Courier Mail вели дека One Nation би можела да однесе неверојатни 18 отсто од гласовите во државата. Ако се земат в предвид сите партии, бројот на гласови за лабуристите се намалува на 35 отсто, а LNP на 32 отсто. Тоа би значело дека поддршката од Полин Хенсон ќе биде клучна за победата на било која од овие две партии. Според резултатите на анкетата, One Nation, всушност, има помала наклоност на гласачите во споредба со највисоката забележана во 1998 година од речиси 23 отсто. Сепак, анкетите велат дека стратегија на партијата е да се фокусира на помал број изборни единици од кои би можело да им се донесе сигурни места во парламентот. Иако Николс, рече дека нема да има формална коалиција со партијата One Nation, не го отфрли договорот, со кој LNP би можел да создаде малцинска влада со поддршка на Полин Хенсон. Анкетата спроведена на речиси 900 жители на Квинсленд, објавена во саботата, исто така, покажува зголемување на поддршката на зелените на девет отсто, веројатно поради контраверзиите околу предлогот врзан за рудникот за јаглен Адани. Сигурно е дека двете големи партии имаат причина за загриженост.

Останати вести