Операцијата „Ironside“ голем удар врз организираниот криминал

Операцијата „Иронсајд” (буквален превод: железна страна, оклоп) беше „голем удар” врз организираниот криминал во Австралија.

Всушност, таа е само дел од глобалната операција “Troyan Shield” (тројански штит) координиран од страна на американското Федерално биро за истраги (FBI) која траела од 2018 година па се до минатата недела.
Идејата да се стави дигитален “тројански коњ” во џебот на најопасните криминалци се родила пред три години, по задушувањето на “Phantom Secure” и други модифицирани, шифрирани паметни телефони. Конкретно, тогаш е затворена канадската компанија која продаде илјадници уреди на криминалци – таа имаше земено телефони на “BlackBerry” од кои ги отстрани камерите, микрофоните и навигациските карактеристики и инсталираше софтвер за шифрирани пораки, што им го отежнуваше следењето на органите на прогонот. Таквите уреди беа дистрибуирани меѓу американските, мексиканските и други картели.
Сузбивањето на „Фантом секјур” создаде „вакуум” во потребите на криминалците за безбедна комуникација што полицијата нема да може да ја следи.
Во 2018 година ФБИ веќе имало технологија во развој – апликација наречена AN0M инсталирана на мобилни телефони кои немаат никаква друга можност освен да комуницираат преку оваа платформа. Австралиската федерална полиција понудила персонал и вештина да може да ги дешифрира и чита пораките испратени преку AN0M на овие уреди во реално време. Дел од правните експерти во Австралија коментираа дека било искористено тоа што тука законите дозволуват поголем “пристап” во индивидуалните права (според направените измени во законите за телекомуникации и други средства за комуникација).
Сега требало уште да се убедат криминалците да почнат да ја користат таа платформа. За да ги стават “препарираните” мобилни уреди во рацете на криминалците, АФП и ФБИ ги искористиле сите можности на рекламирање па дури и социјалните мрежи. Користени се луѓе кои имале авторитет во криминалните кругови. АФП користела прикриени агенти преку кои уредите им биле давани на “строго одбрани” (потенцирано било дека се работи за ексклузивни уреди за да ги намамат) ликови од подземјето, како шверцерот со дрога Хакан Ајик. Ајик ги ширел, па дури и продавал телефони со апликацијата преку црниот пазар на широка мрежа на криминални играчи. Полицијата соопшти дека Ајик бил избран поради неговата висока позиција и доверба во криминалниот свет по кариерата како шверцер на дрога во раните 2000-ти. Имал добри врски со азиските тријади и со моторџиите “Команчероси”.
Ајик сега е бегалец по кого австралиските власти имаат распишано потерница. Се знае дека пребегал преку Хонг Конг и сега живее во Истанбул каде има хотел наречен “Kings Cross”. АФП намерно го потенцира неговото име и улога во целата операција за сузбивање на картелите, правејќи го мета за одмазда на озлобените криминалци. Воедно го повика да се предаде за да се заштити себеси и семејството.
За да добиете телефон со AN0M, морало да познавате некој што веќе го има и потоа требало да плаќате месечна претплата на синдикатите што тогаш ги делеле. Методот на „висок профил” на фигури на организиран криминал кои ја гарантираат апликацијата, придонел да расте популарноста и довербата во користењето на уредите. Толку многу што биле користени од 11.000 лица на глобално ниво (од нив 1.650 во Австралија).
Криминалците биле прилично дрски и слободни со нивниот јазик на платформата а не знаеле дека ФБИ и АФП постојано ги прислушувале и тоа во реално време.
– Сè што зборуваат е дрога, насилство, напади едни на други, невини луѓе кои ќе бидат убиени… цела низа работи, рече комесарот на АФП, Рис Кершоу. – Во суштина, ние три години бевме во задните џебови на организираниот криминал и операционализиравме криминално отстранување како што никогаш не сме виделе, се пофали тој.
Од почетокот на светската операција “Troyan Shield” (во 2018 година) во Австралија (“Ironside”) се извршени повеќе од 200 апсења, што резултира со 526 обвиненија. Запленети се скоро четири тони дрога, повеќе од 100 оружја, скоро 45 милиони долари во готовина, попречени 21 закана за убиство и затворени се шест недозволени лаборатории.
Полицијата изрази загриженост дека операцијата „Ironside” може да ги вознемири криминалните елементи, при што членовите прво нема да се сигурни кому да веруваат, а потоа се свртуваат едни кон други.
Најверојатно ќе се појават уште повеќе обвиненија, но властите признаа дека се одвива далеку повеќе шифрирана комуникација помеѓу криминалните групи за кои не знаат. Според комесарот Кершоу корисниците на АНОМ сочинуваат околу 5 % од шифрираната комуникација во земјата, а поголемите платформи ги користат транснационални и сериозни криминални банди насочени во Австралија.
Според зборовите на комесарот Кершоу, АФП и ФБИ ја зготвиле идејата за AN0M “преку неколку пива” (демек сите генијални идеи доаѓаат во неформални услови) и сега ќе треба да се најде нов начин како ќе се следи и превенира криминалот на светско ниво. Време е за “нова рунда пиво”.

Коцкање со 100 милиони долари водеше до најголемата полициска акција

Австралијанецот со македонско потекло М.Р. од Мортдејл, минатата година играл на покер апаратите во казиното „Стар” во Сиднеј со огромна сума на пари кога им паднал во око на истражните органи. Тој за една недела преку покер апаратите „испрал” над 100 милиони долари, а 18 месеци подоцна полицијата му стави лисици на рацете.
Следењето на М.Р. од почетокот на 2020 година и неговата пасија за коцкање на милионски суми ја поттикнале полицијата во НЈВ да истражи од каде потекнуваат овие пари и случајот водеше кон апсење на тројца мажи од Сиднеј кои се обвинети за криминален заговор за набавка на три тони кокаин, што е количество кое на годишно ниво цирукулира низ улиците на целата оваа држава.
Во четвртокот, рано утрото 42-годишниот М.Р. е уапсен од специјалните единици кога го отворил складот за да ја земе дрогата. Полицијата уапсила и маж на возраст од 37 години на паркинг во близина на складот.
Двајца од тројцата уапсени работеле на Аеродромот во Сиднеј, додека третиот Ѓ. Н.во декември минатата година бил пуштен условно на слобода, откако бил во затвор од 2006 година заради дрога, осуден на 16-годишна казна.

Останати вести