Најголемата опозициска партија ВМРО – ДПМНЕ бара од претседателот на Собранието ургентно да свика пленарна седница за разгледување на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија.
По изјавата на министерката за надворешни работи на Бугарија дека договорот е финализиран и не може веќе да се измени, ВМРО-ДПМНЕ се сомнева на изјавата на премиерот Зоран Заев, кој вели дека договорот се уште е во фаза на подготовка.
Според ВМРО-ДПМНЕ, доколку овој договор е добар, нема причина да се крие.
СДСМ, пак, на ваквите тврдења на опозицијата одговори дека договорот не се коси со државните интереси.
„Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сакаат квалитетен и добар договор и за Бугарија и за Македонија. Потребен е договор кој ќе решава проблеми и ќе создаде подобра иднина, а не договор кој ќе создава нови проблеми на нашиот пат кон ЕУ и НАТО.
Нацрт-договорот за кој министерот за надворешни работи Никола Димитров рече дека не бил штетен за Македонија предизвика сериозна загриженост кај нас. Ако договорот е добар, како што тврдат Заев и Димитров, нека го објават веднаш. Граѓаните ќе ги поздрават и ќе им дадат поддршка. Од што се плашат? Дали Заев и Димитров се свесни дека ќе потпишат договор кој е штетен за државата и граѓаните, па затоа тој упорно се крие од јавноста?
Ние нема да даваме алиби на завршени работи за кои со нашиот збор не се менува ништо. Договорот што го спремаат Димитров и Заев ќе биде добар само за Бугарија, а многу штетен за Македонија. Затоа во Бугарија политичарите се фалат со него, а во Македонија тој се крие од јавноста.
По увидот во нацрт-договорот за добрососедство, како пратеници дадовме пет забелешки, кои сметаме дека се од суштинско значење за овој договор. Зоран Заев и нам и на целата јавност ни соопшти дека договорот може да претрпи промени пред потпишувањето, но министерката за надворешни работи на Бугарија соопшти дека договорот е веќе затворен. Прашуваме кој лаже? Зоран Заев во македонското Собрание или госпоѓа Захариева пред бугарската јавност?”, стои во реакцијата на оваа партија.
Забелешките на ВМРО-ДПМНЕ
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека потпишаната Декларацијата за добрососедство со Бугарија во 1999 не е обврзувачка туку е препорака, за разлика од договорот што сега треба да се потпише, кој е правно обврзувачки и на него не треба да се гледа само како на успех туку да се согледаат и последиците од неговото реализирање.
Пратеникот Антонијо Милошоски објави пет точки што, според ВМРО-ДПМНЕ треба да бидат вметнати во договорот:
1. Дали македонскиот народ ќе биде споменат во договорот? (Ако е тоа договор на добра волја, тогаш би требало македонскиот народ да биде споменат и да стои во договорот.)
2. Дали македонскиот јазик ќе биде споменат во договорот? (Со тоа се става посебност на јазикот како различен од бугарскиот.)
3. Дали премиерот Заев е подготвен да го потпише договорот со кој се обврзува да се грижи за Македонците надвор од државата? (Со ова се имплицира дека Бугарија побарала иста клаузула како Грција во Времената спогодба)
4. Јасно разграничување на делот на заедничката и делот на посебноста на историите меѓу двете држави.
5. Забележана е асиметрија на права и обврски во договорот. Повеќе права има за бугарската страна, а повеќе ограничувања за Македонија. Договорот треба да биде со симетрични придобивки за сите страни, изјави Милошоски.
Според него, доколку овие препораки бидат вградени, договорот ќе биде поддржан од Коалицијата „За подобра Македонија” предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Но, доколку овој нацрт-договор не биде променет, ќе остане сомнежот дека разгледувањето на Нацрт-договорот во собраниската Комисија за надворешна политика била само ПР средба.
ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистира ова да не биде краткорочно успешен проект затоа што ако договорот има правно-обврзувачко дејство може да создаде околности кои ќе бидат на штета на земјава понатаму.