ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ ПРОДОЛЖИЈА СО ПРЕГОВОРИТЕ:
Четирите најголеми партии во Македонија и натаму го играат “правото” оро во преговорите – три напред, две назад. Минатата седмица, со посредство на “оркестарот” странци (американскиот и на европскиот амбасадор), било договорено како да се надмине спорот околу Избирачкиот список, но веднаш на следната тема – медиумите, политичките партии запнале и ги прекинале преговорите. Се испуштиле од орото и се повлекле секој во својот табор.
Како што неофицијално се дознава од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, социјалдемократите не сакале да гарантираат дека нема да се бара одговорност од новинари кои од сопствен агол/тенденциозно (кој како ги гледа работите) ќе прават прилози во предизборниот период.
“Преговорите за излез од политичката криза се прекинати поради нелогичните предлози на СДСМ за казнување на новинарите поради искажан став и затоа што одбија да се согласат експлицитно да гарантираат оти што и да договориме, нема да има негативни реперкусии врз новинарите и медиумите”, брифира за „Дневник” доброупатен извор од редовите на владејачката коалиција. Според него, причина за прекинот на преговорите е што СДСМ не се согласил во рамките на секој договор што би го постигнале (под претпоставка дури и да се прифатат безусловно нивните предлози во врска со медиумите), да стои експлицитна одредба дека новинарите и медиумите нема да се казнуваат за искажан став, односно мислење.
Претставниците од СДСМ не го прифатиле тоа, по што преговорите биле прекинати.
СДСМ, од своја страна, не негира дека инсистира да се казнуваат новинарите и медиумите за тенденциозни и лажни прилози. Според нив, тоа не е цензура, туку само начин како да се воведе ред во новинарското известување.
“Медиумите мора да имаат одговорност кога известуваат хорски, за пропагандистички цели, без да ја проверат, односно слушнат и другата страна. Според нашиот предлог, кога Агенцијата за медиуми ќе има можност да санкционира новинари, тогаш и ќе се воведе ред и ќе се почитуваат новинарските стандарди на известување”, вели за „Дневник” пратеникот и портпарол на СДСМ Петре Шилегов.
Kако пример тој ја наведе хајката против него во врска со неговата имотна состојба, за што, вели, е целосна невистина. Според него, ваквите примери би биле предмет на оценка и санкционирање од Агенцијата за медиуми.
Опозициската партија бара Советот за радиодифузија да постапува според претставките на т.н. Советот за етика во медиумите, односно ако Советот за етика реагира дека некој текст или прилог е неетички, тоа да биде облигаторно за Советот за радиодифузија, кој би изрекол соодветен предлог за казна на новинарот, односно медиумот, а во најлоша варијанта, медиумот ќе добие „клуч на врата”.
Ваквиот предлог за ВМРО-ДПМНЕ бил неприфатлив, бидејќи никаде во Европа и пошироко, одлуки или какви и да се претставки на наводна невладина организација каков што е Советот за етика не можат и не се обврзувачки, односно по нив не се обврзани да постапуваат државни органи, во случајов Советот за радиодифузија.
Се очекува преговорите сепак да продолжат веќе оваа седмица.