Амбасадорот на ЕУ во Македонија Аиво Орав се пожали дека европските претставници во Скопје се изложени на закани, иако и сакаат добро на Македонија и постојано се обидуваат да помогнат во решавањето на политичката криза во државата.
“Некогаш тие резултираат со конкретни закани, така што во некои случаи мора да се зголеми нашето обезбедување. Ние сме тука за да ви помогнеме, бидејќи вие сте земја-кандидат, но сега веќе започна негативна кампања против посредниците на ЕУ, и на самиот комесар Хан, како и против посредникот Ван Хауте”, изјави амбасадорот Орав на Собраниската комисија за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции.
Тој побара да се зајакне надзорот на следењето на комуникациите, затоа што не е сигурен дека и неговите телефонски разговори не се прислушуваат.
“Тука сме да ви помогнеме. ЕУ е обединета во тоа да ви помогне, заедно со САД, да излезете од оваа криза. Она што е важно за вас и за нас е да се одржат веродостојни, фер и инклузивни избори. Се надевам дека оваа интензивна терапија за неколку недели ќе помогне да се одржи во живот договорот од Пржино”, рече Орав.
Тој сугерираше дека е рано да се прогласи за мртов договорот од Пржино, иако тој имал многу болести, од кои една хронична, постојаното доцнење во имплементирањето.
Од друга страна, холандскиот амбасадор Ваутер Пломп рече дека исполнувањето на сите делови од договорот од Пржино е од клучно значење за европската интеграција на Македонија, бидејќи според тоа ќе биде проценет напредокот на земјата по спроведувањето на парламентарните избори, рече амбасадорот Пломп.
Според него, наредните месеци ќе бидат од суштинско значење за Македонија, и изрази жалење што сите политички партии не постигнале договор за датумот за изборите кои, нагласи, треба да бидат фер, слободни и инклузивни.