Амбасадорите на САД и на ЕУ во Македонија, Џес Бејли и Аиво Орав, му ги предадоа на премиерот Емил Димитриев критериумите според кои Вашингтон и Брисел ќе кажат дали има услови да се одржат кредибилни избори или не.
На листата, според “Утрински весник”, нема ни едно „треба” туку десет „мора”, со најава дека сето ова мора да се исполни пред 20 февруари, кога ќе ја кажат својата оценка. Да потсетиме, на 24 февруари треба да се случи самораспуштањето на Собранието, по што течат 60 дена до изборите.
На средбата во Владата, покрај премиерот Димитриев, беа и министрите за надворешни работи и за здравство – Никола Попоски и Никола Тодоров, како и Мартин Протуѓер.
Во писмото што го предадоа амбасадорите, САД и ЕУ бараат до 19 февруари ДИК целосно да биде обезбедена со персонал и финансии; да мора да бидат завршени првичните вкрстени проверки на сите релевантни бази на податоци за да се добие слика колку опсежен ќе биде процесот на прочистување на списоците, вклучувајќи ја и теренската проверка. ДИК, исто така, мора да има доволно време и ресурси да ги истражува и да одлучува за неправилностите што ќе се откријат од проверката, а мора да постои и јасна законска рамка за навремено отстранување на имињата што не припаѓаат на избирачкиот список, а наедно да има механизми како да се обележат тие за кои ќе биде потребна дополнителна проверка. Мора да постои опсежен и фер механизам за разгледување на жалбите од прочистувањето на списокот, а тоа да го надгледува ОБСЕ.
Исто така, четирите партии мора да постигнат договор за медиумските реформи, а телевизиите мора да се усогласат со законските барања од членот 61 на Законот за аудиовизуелни услуги и да обезбедат објективно и непристрасно известување, како и еднаков третман на различните гледишта. Покрај тоа, Брисел и ЕУ сметаат дека мора да бидат преземени мерки што ќе обезбедат доволна одвоеност на државата од активностите на политичките партии, а јавните функционери да дадат јасни изјави и писмени инструкции дека нема да се толерира никаков притисок врз вработените во јавната администрација и дека ниту еден граѓанин нема да се плаши за своето вработување или примање социјални услуги заради поддржување или неподдржување на одредена партија. Веродостојните тврдења за притисоци и заплашувања ќе мора да бидат истражени брзо и темелно и соодветно гонети.
По средбата, Бејли и Орав дадоа изјава за јавноста во која рекоа дека имале конструктивна средба со премиерот Димитриев на која дале поддршка за кредибилни избори.
„Имавме конструктивна средба со премиерот Димитриев, во која ја повторивме нашата поддршка за кредибилни избори и нашата заложба за понуда на континуирана техничка и друга помош, со цел да се помогне да се создадат услови кои ќе овозможат такви избори.
Со договорот од Пржино 24 април е утврден како датум. Договорот, исто така, ги обврзува потписниците на структурни реформи, вклучувајќи мерки да се обезбеди поголема слобода на медиумите, ревидиран список на гласачите и спроведување на сите препораки од ОБСЕ/ОДИХР со цел да се овозможат слободни и фер избори. Останува значително работа за да се исполнат тие услови. Пред распуштањето на парламентот и не подоцна од 20 февруари, ЕУ и САД, во консултации со меѓународни и локални експерти, заеднички ќе оценат дали постојат услови што ќе водат до одржување на кредибилни избори на 24 април. На нашата средба со премиерот ги споделивме критериумите што ќе ги користиме. Исто така, тие критериуми ги споделивме со партиските лидери кои го потпишаа договорот од Пржино и со кои тесно соработуваме повеќе месеци. Тие, исто така, ќе бидат достапни на јавноста.
Ние ќе ги понудиме нашите ставови како пријатели на Македонија, земја која сакаме да видиме како се развива во просперитетна демократија во рамките на евроатлантската заедница.
На крајот, сепак, зависи од парламентот, владата и вашите политички лидери да донесат одлуки. Тие се одговорни за враќање на нивната нација на евроатлантскиот пат. Ние, исто така, повторивме дека ги охрабруваме сите партии, граѓани и организации да учествуваат на изборите. Таквото учество е најдобриот начин за зајакнување на демократските процеси”, рече амбасадорот Бејли.
Притоа тој ги повика партиските лидери да се воздржат од напади на јавни функционери чија работа е да создадат услови за кредибилни избори, бидејќи тие имаат тешка работа за завршување.
„Таквата реторика не е од корист и ја намалува довербата дека изборите можат да се одржат во услови да бидат пошироко прифатени како слободни и фер”, рече Бејли.