МНТ одликуван со Орден за заслуги за Македонија

По повод 70-годишнината од основањето и за успешното презентирање, промовирање и негување на македонското и светското театарско творештво, претседателот Ѓорге Иванов на Македонскиот народен театар му додели признание „Орден за заслуги за Македонија”. 

– Симболично, завесата на Македонскиот народен театар беше подигната во самите мугри на македонската државност, со одлука на Президиумот на АСНОМ. Од тогаш до денес, веќе 70 години, на сцената на овој театар се одигрува животот на цел еден народ. Доволно е да се сетиме на луѓето кои ги оживеаја македонскиот збор и македонската приказна на театраската сцена, рече Иванов и потсети на Џинот, Антон Панов, Ристо Крле, Васил Иљоски, Војдан Чернодрински… Со нивните драми, како што рече, тие ни ја вратија довербата во сопствениот македонски јазик и ги оспособија идните генерации да достигнувата нови дострели во македонската драмска уметност.
Македонскиот претседател потсети на неколкуте селби и преселби и додаде оти од 2013 година МНТ има нов дом издигнат врз стари темели. Со тоа, како што рече, конечно се создадени услови за севкупниот креативен потенцијал на македонските драмски уметници да дојде до полн израз.
– Нашите деца израснаа гледајќи ги вашите претстави. Кај нив го развивте чувството за етичкото и за естетското. Со своите драми, поставки и улоги ги подигнувате стандардите и критериумите во уметноста, но и во секојдневието. Со вашите сценски потфати, вие градите нови духовни вертикали во Македонија, нагласи Иванов.
Шефот на државата порача никогаш да не се дозволи да замре мисијата на Македонскиот народен театар.
На настанот присуствуваа министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, актери, режисери, драматурзи.

Останати вести