По 120 минути игра Динамо Загреб со 3:0 го победи Тотнем и се пласираше меѓу осумте најдобри во Лига Европа.
Жозе Мурињо и Тотнем се елиминирани од Лига Европа и покрај победата во Лондон од 2:0. Македонските репрезентативци во редовите на Динамо, капитенот на загрепчаните Адеми и Ристовски ќе играат во четвртфиналето.
Тотнем одигра лош натпревар, а Динамо Загреб го имаше Оршиќ кој ги постигна сите три погодоци.
Мечот беше отворен во 62. минута кога Оршиќ постигна прекрасен гол, а во 83. минута тој погоди за 2:0 и го израмни вкупниот резултат.
Со тој резултат завршија 90. минути па се отиде во продолженија, а во нив уште еднаш погоди Оршиќ и ги постави конечните 3:0.
Ангиски Арсенал исто така загуби дома од Олимпијакос со 0:1, но имаа предност од 3:1 од првиот меч за пласман меѓу осумте најдобри, каде што се и шпанска Гранада и Рома.
Пол Погба се врати во акција и покажа колку може да вреди за Манчестер јунајтед, постигнувајќи го единствениот гол за 1:0 победа над Милан на „Сан Сиро” и пласман во четврт-финалето на Лига Европа. Таму, очекувано се и Вилјареал и Ајакс по новите победи, но новиот шкотски шампион Ренџерс доживеа „колапс” дома на „Ајброкс” и загуби со 0:2 од чешка Славија Прага.
„Ѓаволите”, кои во Милано играа со дресови кои многу наликуваат на тие на Јувентус, дојдоа во водство во 49. минута, кога Погба најдобро се снајде во мешаницата пред голот на Џиџи Донарума, откако влезе во игра на стартот на второто полувреме. Во првиот меч на „Олд Трафорд”, Милан во самиот финиш постигна гол за 1:1 реми, но сега ја продолжува лошата низа на резултати.
Ренџерс пак, имаа 1:1 од гостувањето во Прага, но дома загубија со 0:2 во меч со два црвени картон за неверојатна елиминација. Вилјареал повторно со 2:0 го совлада Динамо Киев, додека Ајакс со 2:0 славеше во Швајцарија кај Јанг Бојс за лесен пласман.
ЛИГА ЕВРОПА, 1/8 ФИНАЛЕ, реванши
Милан – МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД 0:1., прв меч 1:1, вкупно 1:2
Ренџерс – СЛАВИЈА ПРАГА 0:2, прв меч 1:1, вкупно 1:3
ВИЛЈАРЕАЛ – Динамо Киев 2:0, прв меч 2:0, вкупно 4:0
Јанг Бојс – АЈАКС 0:2, прв меч 0:3, вкупно 0:5
АРСЕНАЛ – Олимпијакос 0:1, прв меч 3:1, вкупно 3:2
ДИНАМО ЗАГРЕБ – Тотенхем 3:0, прв меч 0:2, вкупно 3:2
Молде – ГРАНАДА 2:1, прв меч 0:2, вкупно 2:3
Шахтјор Доњецк – РОМА 1:2, прв меч 0:3, вкупно 1:5
