Во музејот во Велес првпат е изложено оружје старо неколку века

Пушка од царска Русија, турска офицерска сабја, австриска „малихерка” се дел од старите и ретки примероци оружје кои веќе им се достапни на жителите на Велес во Народниот музеј во градот. Ретко кој знае дека во музејските витрини имало оружје старо и со векови. Повеќето од предметите се пушки и пиштоли, кои до сега не беа достапни ниту конзервирани, а се чуваа во депоата на Музејот, далеку од очите на јавноста.

Со конзервацијата што траеше повеќе месеци беа опфатени 30-ина предмети со кои располага оваа културна институција, како оружје и војничка опрема. Тие сега можат да ги видат посетителите.
– Овие предмети беа конзервирани од страна на стручно лице од Музеј на Македонија и се изложени во нашиот Музеј, а дел се депонирани. Повеќето ги изложивме, а дел ги оставивме бидејќи се дел од ист производител, иста марка, само броевите се различни. Тие се дел од нашата колекција. Металното оружје што е изложено потекнува од средината на 19 век, па сè до предмети употребувани во Прва светска војна, како и во Втората светска војна – вели Марин Клифов, виш кустос во велешкиот музеј.
– Имаме неколку примероци на оружје од рускиот Тулски оружен завод, голем и значен светски производител на оружје во светот, кој е основан во 1712 година, а работи и денес. Најстарата пушка што ја имаме е од царска Русија, од 1839 година, потоа руска еднометна пушка од 1880 година, произведена од истиот завод. Имаме пушка „малихер” м95 од австриско производство. Имаме и јатаган од турско, потоа турска офицерска сабја, производство на прочуениот германски концерн „Солинген” – додава Клифов.
Обновеното метално оружје е поставено во историското одделение на Музејот, заштитено во посебни прегради и претставено пред посетителите. (“Телеграф.мк”)

Останати вести