Оскар бенд од Битола за првпат ќе патуваат на турнеја во Австралија. Ќе посетат голем број градови како Мелбурн, Сиднеј, Перт, Волонгонг, а планирано е да одржат околу десетина концерти.
Се ближи првата голема турнеја на Оскар бенд од Битола во Австралија. Како што истакнаа членовите на бендот веќе се е подготвено за патувањето кое ќе се случи во месец ноември, а ќе престојуваат месец и пол.
-Турнејата е веќе организирана, беше планирана подолг период. Таа започнува во месец ноември и половина од декември. Патуваме кај нашинците во Австралија. Таму имаме 10 концерти, а заедно сме со Орце Стефкоски и нашата колешка Сузана – велат од бендот.
Тие ќе настапат во повеќе градови, а пред нашинците е планирано да одржат околу десетина концерти.
– На 3-ти и 5-ти имаме концерти во Мелбурн, на 10-ти во Волонгонг, на 11-ти во Аделаид. Следната недела како што доаѓа викендот сме во Сиднеј, а на 2-ри декември завршуваме со Перт. Во меѓувреме ќе се вратиме, еден концерт кој треба да се случи во Мелбурн ќе биде во средината од турнејата, мислам дека на 25-ти треба да биде тој. Значи засега се десетина концерти – додаваат од бендот.
Оскар бенд ќе патува во Австралија преку друштвото Јане Сандански од Мелбурн. Со оглед на тоа што ова е прва нивна турнеја таму, се надеваат дека ќе биде многу успешна.
