Премиерот Зоран Заев се ослободува од обвинението за случајот “Поткуп”, објави во понеделникот судијата Дарко Тодоровски. Според него, јавниот обвинител не докажал дека Заев го сторил делото барање поткуп.
Претходно, Тодоровски го читаше обвинението, за кое кажа дека освен видео доказите од посебните истражни мерки, се слушале и телефонски разговори кои биле прибавени на истиот начин и потсети дека бил преслушан и единствениот сведок Иван Николов.
Според судијата Тодоров сведокот бил контрадикторен во исказите (дали биле барани по 3 или по 2 евра за м2, зошто чекал еден месец пред да го пријави барањето за поткуп…). Исто така, судијата спомна дека сведокот признал оти на видео-снимката (која подоцна беше повлечена од доказите) самиот спомнувал поткуп на Заев, за да го натера да зборува.
На последното рочиште обвинителката изврши измена на правната квалификација на обвинеието и наместо за примање поткуп од 160.000 евра, обвинетиот побара да биде осуден за барање поткуп.
Ќе поминат седум дена додека судијата да ја изготви пресудата во писмена форма. Потоа Обвинителството ќе може да ја обжали.
Среќен сум што ја докажав мојата невиност и дочекав правда
– Среќен сум затоа што довив ослобителна пресуда и конечно ја докажав мој невиност и дочекав правда, рече премиерот Зоран Заев по објавувањето на пресудата за случајот „Поткуп”.
Очекував ослобителна пресуда, беше логично затоа што се докажа тоа во судската постапка од презентираните докази. Очекуваме и жалба, рече Заев.
Тој побара од институциите јавно да ја објават целата снимка од ПИ-мерките и рече ако му ја достават, тој самиот ќе ја објави за да се види дека не барал поткуп.
– На трите места каде што е прекината снимката точно ќе се види за што станува збор и како злонамерно било кратењето кога разговараме за цемент, бетон, железо, за плата на работниците… Драго ми е што Судот ја утврди вистината. Се што сум правел во Струмица беше транспарентно и на достап на јавноста. Апелирав бизнисмените да бидат пример за граѓаните и да донираат за изградба на црквата, рече Заев.
На прашање во врска со изјавата на Никола Груевски кој пред неколку дена ја најави оваа одлука, премиерот Заев одговори дека Груевски едно време беше добар познавач на судството и оти сега веќе тоа судство не е истото што тој го контролираше.