Поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски од 3 јуни е на слобода, по пет години минати во затвор поради незаконско финансирање на изборна кампања. Иако имаше законска можност да биде ослободен уште на почетокот од март, тој беше држен во затвор поради рочишата во случајот “Ровер”.
Неговото ослободување 3 дена пред крајниот рок, како што се тврди од неговото опкружување, било изненадување дури и за неговите адвокати. Тој бил ослободен во петокот во попладневните часови по што, заедно со негов братучед, заминал директно во родното село Челопек, во семејната куќа. Соругата и двете деца живеат во Бале, Хрватска, а неговата мајка почина без да може да го види за последен пат.
Следниот ден му беше организиран пречек од страна на неговите приврзаници во дворот на селската црква. Откако запали свеќа во црквата “Свети Никола”, Бошковски рече дека со неговото ослободување ќе дојде и слободата во Македонија. Се заблогодари на сите кои за време на неговиот престој во Идризово му давале подршка. Не сакаше да даде коментар за неговите идни конкретни политички ангажмани.
– Ќе се потрудам во наредниов период да ја презентирам вистината, затоа што за мене на македонската политичка сцена во изминатите 5 години се појавија многу заблуди, изјави Бошковски.
Бошковски беше уапсен спектакуларно пред ресторанот „Воденица” во Скопје, еден ден по парламентарните избори на 5 јуни 2011 година. Осуден беше на пет години затвор за незаконски финансирање на изборната кампања, односно се товареше дека во три наврати од загрозениот сведок (познатиот Грк и македонски зет Маноли) зел вкупно 130,000 евра. Првично, Бошкоски беше осуден на седум години затвор, но подоцна казната му беше намалена. За сето време тој тврдеше дека е наместен.
Во опозициските „бомби” се слушна начинот на којшто бил уапсен Бошковски. Специјалното јавно обвинителство во март годинава објави дека започнува истрага под името „Тортура”, која се однесува на апсењето на лидерот на партијата Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи. Поднесени се кривични пријави против седум лица, меѓу нив шестмина припадници на полициската единица Алфи (повеќето аболирани), а како првоосомничен е тогашниот директор на Управата за безбедност и контраразузнување Сашо Мијалков.
Љубе Бошковски во наредниот период го очекува продолжувањето на судскиот процес за случајот „Ровер” каде што е обвинет за помагање на четворицата српски државјани, кои ги извршиле убиствата на Марјан Тушевски и Киро Јанев. Овој предмет претходно имаше две првостепени судски пресуди, но и двете беа поништени од Апелацискиот суд поради недоволни образложенија.
