Македонија и Турција ќе ја интензивираат соработката во културата, особено во областа на заштитата на културното наследство, најави Аднан Ертем, директорот на Генералниот директорат за културно наследство на Република Турција.
Ертем, кој ја предводеше турската делегација на средба со министерката за култура Елизабета Kанческа-Милевска. Двајцата објавија дека двете земји ќе потпишат Протокол за соработка и реализација на активности за конзервација и реставрација на османлиското културно наследство во Република Македонија.
– Добрата соработка во областа на културата ќе продолжи и во иднина преку реализација на уште многу проекти, особено во областа на заштитата на културното наследство. Тоа ќе биде потврдено и со потпишување на Протоколот за соработка и реализација на активности за конзервација и реставрација на османлиското културно наследство во Република Македонија –
рече Kанческа-Милевска која подвлече дека во рамките на досегашната успешна соработка меѓу двете земји биле реализирани повеќе проекти во областа на заштитата на културното наследство. Обновени се родната куќа на родителите на Ататурк во Kоџаџик, Спомен-собата на Мустафа Kемал Ататурк во Битола, Мустафа-пашината Џамија, Исхакија-џамија во Скопје, Хајдар Kади-џамијата во Битола…
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска најави и дека до крајот на годинава објектот „Јени џамија” во Битола ќе биде адаптиран во современ галериски простор.
Kуршумли ан се подготвува за турски културен центар
Меѓу заедничките проекти за конзервација и реставрација е и скопскиот Kуршумли-ан, споменик на културата од османлискиот период, кој во март Министерството за култура му го предаде во владение на Институтот „Јунуз Емре” од Скопје, културен центар на Република Турција. Истовремено, Македонија за отворање свој културен центар доби објект во центарот на Истанбул.
Во Институтот „Јунуз Емре” велат дека во новиот културен центар ќе се организираат курсеви по турски јазик, курсеви по традиционални занаети како калиграфија, посебна уметност сликање на вода т.н. ебру сликарство, сликање со позлата, курсеви по османлиско турски јазик, турска музика, традиционални уметности…