Дождот во Крушево во петокот, на 16 октомври не престана да врне. Но, тоа не ги спречи стотиците обожаватели да го посетат неговиот гроб. Тоше Проески пред точно осум години загина во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, Хрватска.
Имаше само 26 години. Но, зад себе остави многу песни и спомени. Но, остави и непробол и незаборав.
На осмата годишнина од смртта на Тоше Проески во спомен куќата во Крушево е отворена изложба на слики, на која неговите обожаватели можат да го видат патот на легендата од почетокот на кариерата, па се до последните моменти од неговиот живот. Изложбата дојдоа да ја видат многу негови почитувачи од најмали, па се до најстари, оти Тоше беше омилен кај сите генерации.
Спомен куќата на Тоше досега ја посетиле илјадници посетители. Не само од Македонија, туку тука постојано доаѓаат луѓе од целиот Балкан.
Шеснаесет маратонци во чест на Тоше тргнаа од Нова Градишка на 13 октомври, трчајќи по рутата која во спротивен правец беше последното патување на Тоше, а попладнето на 16 октомври пристигнаа во Крушево на неговото вечно почивалиште.
