Поглаварот на МПЦ г.г. Стефан во саботата ги освети темелите на новиот голем крст. На осветувањето присуствуваа свештеници од скопската епархија, скопските градоначалници, вицепремиерот Владимир Пешевски и други претставници од политичкиот врв во земјата. Главниот говор го одржа претседателот на Светскиот македонски конгрес Тодор Петров, кој порача дека во Општина Бутел живеат 70% Македонци.
Иако се собраа голем број на симпатизери и членови на ДУИ, предводени од градоначалникот на Општина Чаир Изет Меџити и пратеничката Ермира Мехмеди и се обидоа да го блокираат овој настан, тие сепак беа спречени во намерата од бројните полициски сили кои беа распоредени на сите клучни локации во Бутел. Колоната на ДУИ беше блокирана кај подвозникот за Бутел.
По завршување на церемонијата на осветување на темелите на крстот, претседателот на Светскиот македонски конгрес Тодор Петров бил жртва на физички напад во кафеаната “КазаБланка” на Скопскиот саем. Имено, тој таму пристигнал за ручек но, како што велат сведоци, во еден момент бил нападнат, удрен неколкупати, еднаш и во пределот на тилот.
Префрлен е во болница, каде е задржан една ноќ за набљудување. Според лекарите, има неколку модринки и благ потрес на мозокот.
Во соопштението на МВР стои дека Тодор Петров бил нападнат околу 12:30 часот од страна на неколку лица а полицијата презела мерки и активности.
“Од извршениот разговор со повредениот добиени се првични информации дека во угостителскиот објект дошол заедно со уште две лица со намера да ручаат. Кратко по доаѓањето, според тврдењето на Тодор Петров, пет-шест лица, меѓу кои и лицето Б.А., а кои претходно биле во угостителскиот објект, најпрво почнале да го навредуваат и да му се закануваат во врска со претходно одржан јавен собир во населбата Бутел и физички го нападнале. Нападот го прекинало трето лице, кое влегло во објектот. Според тврдењето на Тодор Петров, во објектот влегло лицето И.М. кое им се обратило на напаѓачите, по што се разотишле”, се наведува во соопштението од МВР.
Од страна на СВР Скопје, а во консултации со Јавен обвинител и понатаму се преземаат интензивни мерки и активности за целосно расветлување на настанот и утврдување на инволвирани лица.
Иако МВР не излезе веднаш со идентификација на напаѓачите, преку социјалните мрежи се дознава дека водач на групата напаѓачи најверојатно е Бекир Асани. Тој е претседател на огранокот на ДУИ во Чаир, чие име повеќепати се спомнувало во разни инциденти. На изборите во 2008 година беше ранет во стомакот пред избирачки место, потоа беше спомнуван во други тепачки како и во “бомбите” на СДСМ (телефонски разговор помеѓу Асани и Али Ахмети).
ВМРО-ДПМНЕ го осуди нападот на Тодор Петров и побара МВР итно да ги открие сторителите.
За СДСМ се работи за сценарио кое треба да предизвика меѓуетнички судир во државата.