Осветени темелите на идниот Македонски културен центар во Епинг

Мирчо Ангеловски: “Објектот што се гради е не само моја лична гордост, туку ќе биде гордост и за целата наша заедница“

На плацот до црквата “Свети вмч. Ѓорѓи и Пресвета Богородица” во Епинг во вторникот беше осветен темелот на новиот културен центар што го гради Македонската православна општина за Мелбурн и Викторија.

Токму оваа година МПОВМ слави јубилеј – 60 години од своето постоење, а со оваа мала церемонија уште еднаш покажа дека е носител на факелот за македонската заедница дури и во ова време на посебни мерки во општеството поради пандемијата од ковид-19 (поради тие мерки беше ограничено присуството на церемонијата).
– Отсекогаш сум се гордеел на нашата општина, но никогаш повеќе отколку во овој момент. Се надевам дека и вие го чувствувате истото што јас го чувствувам како сведоци на еден труд кој на најдобар можен начин ќе придонесе кон мултикултурното општество во Австралија. Осврнувајќи се кон иднината, со сигурност можеме да предвидиме дека Македонскиот културен центар ќе биде еден значаен дел за иднината – горд подарок од нашата генерација за идните генерации, рече во своето обраќање претседателот на МПОМВ, г-инот Мирчо Ангеловски.
Претставувајќи го поблиску објектот што се гради тој додаде:
– Проектот што го исполнуваме денес е во процес на развој веќе подолго време. Но сепак научив дека понекогаш, со малку дополнителна трпеливост во самиот процес на проектирање, може да доведе до уште пошироки можности – и тоа е токму она што се случи во оваа прилика. Нашиот првичен план беше да изградиме нов центар со работни канцеларии, библиотека и просторија за интеракција на македонската заедницата. Но, како што одминуваше времето, концептот се надградуваше. Сега вклучивме и неколку дополнителни елементи: кафе/ресторан во комбинација со сала за свечености, комерцијална кујна, бар, македонски музеј, театар за предавања, младинско радио-студио, библиотека, училница, сала за конференции и канцелариски простории со вкупна внатрешна површина од 781 квадратен метар, надополнето со 136 квадрати надворешна покриена површина.
Заедно, овие простории ќе се користат за различни културни потреби и ќе овозможат создавање на една конструктивна културна креативност, особено за младите во нашата заедница. А развојот на нашата заедницата може корисно да послужи во борбата против опасностите од отуѓување, кои секогаш се присутни во секој модерен град. Особено во северните предградија на Мелбурн кои немаат ваков вид на објект, и од таа причина ние ќе направиме се во наша можност за овој нов културен центар да биде достапен за употреба од страна на пошироката јавност како и од другите етнички заедници, рече г-динот Мирчо Ангеловски.
Проектот е дело на архитектот Демиен Роџерс додека изградбата е доверена на Technik Constructions со извршниот директор Ален Блејк.
– Благодарни сме за поддршката на многу јавни службеници, главно на Викториската влада за финансирањето на проектот со доделен грант во вредност од $375.000, и особено г-ѓа Бронвин Халфпени – пратеник во Викторискиот парламент од Томастаун, која безусловно ја подржа нашата иницијатива и ширум ни ги отвори вратите, и секако, советниците од Општината Витлси кои ја дадоа нивната многу потребна поддршка за овој проект. Исто така го поздравувам Jереми Пит, раководител за односи со странки при финансиската институција “Баптист”, кој покажа неверојатно разбирање за потребите на нашата општина и значително придонесе да се обезбеди потребниот заем за изградба на културниот центар, кажа г-динот Ангеловски.
Тој посебна благодарност им упати и на неговите колеги од поткомитетот за изградба на овој проект: Џон Бранов, Џим Трајчевски, Џорџ Влахов и Васко Настевски, кои заедно со членови на Генералната управа на МПОМВ како волонтери вложија многу труд.
Осветувањето на темелите го извршија игуменот Гаврил Галев и парохискиот свештеник Климент Станковски. Беше прочитана Повелбата (на македонски и англиски јазик) која ќе биде вечно сведоштво за овој настан, која што ја потпишаа претседателот на МПОВМ и двајцата свештеници. Свиткана во ролна и ставена во стаклен сад со масло (да се импрегнира за следните векови) Повелбата потоа беше поставена во еден од аглите на новиот објект во изградба.
На крајот со пригодни зборови се обрати и отец Климент Станковски.

Во молитвата и осветувањето содејствуваа игумен Гаврил и отец Климент

Повелбата беше вградена во темелите

Отец Климент ја прочита содржината на Повелбата во која се опишува општествениот миг кога се случува осветувањето на темелите

Останати вести