ОТА лани прислушувала 522 граѓани

На дневен ред на собраниската Комисија за надзор над мерките на следење на комуникациите дојде првиот извештај на новата Оперативно-техничка агенција (ОТА), како дел од реформите во безбедносно-разузнавачкиот сектор, согласно со препораките на Прибе.

Во првиот извештај на ОТА стои дека лани технички посредувала во активирање на мерките за следење на комуникациите во 522 случаи: 269 комуникации биле следени за потребите на Бирото за јавна безбедност во МВР, а осум на барање на Управата за финансиска полиција при Министерството за финансии. За другите 245 комуникации во извештајот не е наведена причината за следењето.
Минатата година, како резултат на реформите во безбедносната сфера, беше формирана и новата Агенција за национална безбедност (АНБ), која функционира под надлежност на владата. Со нејзиното основање замина во „историјата” некогашната Управа за безбедност и контразузнавање (УБК), од каде што произлезе аферата со масовното прислушување, која во почетокот на 2015 година ја предизвика големата политичка криза во земјава.
ОТА е основана како самостојна државна агенција која е посредник меѓу операторите и овластените органи, без можности за активирање или спроведување на снимањето на следените комуникации. Оваа техничката поврзаност се обезбедува врз основа на судска наредба заради спроведување на следењето на комуникациите. ОТА не поседува техничка можност за пристап до содржината на следената комуникација.

Останати вести