Презвитер Владо Недески е новиот свештеник на МПЦ, кој ќе служи во црковната општина Света Петка во Рокдаел.
Недески замина за Австралија со благослов на надлежниот архиереј на Австралиско – сиднејската епархија, Митрополитот Дебарско – кичевски и Администратор Австралиско – сиднејски г. Тимотеј.
Веста за пристигањето на новиот парохиски свештеник, отецот Владо и неговото семејство во вторникот на 12 декември 2017 година беше причина на Сиднејскиот аеродром да биде свечено пречекан од Црковниот одбор на црквата „Света Петка” и Архимандритот Гаврил.
Македонците од оваа црковна општина добиваат искрена надеж дека со неговото пристигнување конечно ќе се намалат тензиите околу прашањето кој ќе раководи со најголемата црковна општина во Австралија, а се очекува и конечно ставање крај на судскиот спор, кој веќе долги години трае на штета на целата Македонска православна црква – Охридска архиепископија и заедница, а од кој корист имаат единствено само адвокатите, кои ги застапуваат двете страни.
– Со доаѓањето на отец Владо, кој беше и асистент на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски” во Скопје, по предметите Литургиско богословие и Хеортологија – ќе продолжи активно литургиско-богослужбениот и духовно-просветниот живот во црковната општина. Австралиско – сиднејската епархија со доаѓањето на презвитерот Владо Недески – се здоби со уште еден свештеник. Од име на цела Епархија на отец Владо му посакуваме топло добредојде во Сиднеј и лесно и среќно прилагодување во новата средина, и секако успешна мисија на новата нива Господова во Австралија, велат од Австралиско-сиденјската епархија на МПЦ.
