Отворен гробот на Исус по 500 години

Плочата на која бил положен е дел од градбата која се нарекува едикула, што претставува всушност капела од остатоци на пештера, во која било положено телото на Исус Христос по распнувањето

По прв пат во последниве пет века, научниците ја отвориле плочата, за која, многумина веруваат, дека под неа три дена лежело телото на Исус Христос. Оригиналната површина е отворена во текот на работата на реставрацијата во црквата на Светиот гроб во стариот Ерусалим. Плочата не е откривана најмалку од 1555 година.
„Мермерната плоча која го покривала гробот е откриена и изненадени сме од количината на материјал што го пронајдовме под неа. Научната анализа ќе трае долго, но конечно ќе можеме да ја видиме оригиналната камена површина, на која, според традицијата, било положено Христовото тело”, вели археологот Фредрик Хилберт.
Со работите раководи Антонио Марополо од Националниот технички универзитет во Атина.
Според преданието, телото на Христос било положено на плоча исечена од варовничка пештера, откако Римјаните го распнале, пред речиси 2000 години. Според записите, тој воскреснал три дена по смртта и жените кои дошле да го помазаат неговото тело рекле дека не пронашле остатоци. Плочата на која бил положен е дел од градбата која се нарекува едикула, што претставува всушност капела од остатоци на пештера, во која било положено телото на Исус Христос по распнувањето, на оддалеченост од неколку стотици метри од наводното распетие. Тоа е најсветото место на христијаните.
Сепак, ниту таа светост не ги спречила судирите на свештенството. За одржувањето на различни нејзини делови задолжени се римокатоличката, грчкоправославната и ерменската црква и секоја од нив љубоморно го чува својот дел. Овој пат се усогласиле, па ги оставиле настрана разликите, сфаќајќи ја неопходноста од поправки на градбата, која последен пат е реконструирана на почетокот од 19 век, по пожарот кој ја уништил. Потоа, градбата е оштетена и во земјотресот од 1927 година.
Реконструкцијата е одложувана поради недостиг на средства, а меѓу донаторите на неопходните четири милиони евра е и јорданскиот крал Абдула Втори.
Се очекува дека работите ќе бидат завршени на пролет во 2017 година. Инаку тоа е една од најстарите цркви, која ја изградил римскиот цар Константин во 325 година. Во 1009 година ја уништил муслиманскиот калиф Ал Хаким, а во 12 век крстоносците и’ го дале сегашниот изглед.

(Ј.П.)

Останати вести