Охрид од 12 јули се до 20 август ќе ги живее своите 40 дена возбуда што ги носи фестивалот „Охридско лето” – најголема и најреномирана музичко-сценска манифестација во Република Македонија.
Годинашното издание беше свечено отворено во Античкиот театар со најпознатите италијански и француски арии за сопран и тенор, во изведба на романските уметници Елена Мошуц и Калин Братеску.
Фестивалот за отворен го прогласи покровителот на манифестацијата, претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој ја искорсти можноста на уметниците што ќе бидат дел од фестивалската магија да им посака кога ќе заминат со себе да ги понесат сеќавањата на Охрид како македонско огледало на европската култура.
Иванов истакна дека од вечерта па натаму светот е во Охрид и Охрид е во светот и ова заемно пребивање започне со универзалниот јазик на музиката…
– Тој јазик не се преведува, бидејќи секоја душа непосредно го разбира. Музиката и уметноста секогаш му помагале на човекот и кога е слаб да биде силен, и кога е сиромашен да биде богат, и кога е во пранги да биде слободен, и кога е исплашен да се охрабри. Во тој јазик на вистината нема простор за лагата. Во тој јазик на љубовта, нема простор за омразата. Впрочем, и двете најпознати песни во историјата на светот се посветени токму на љубовта. Песната над песните, напишана од старозаветниот Соломон, и химната за љубовта составена од новозаветниот Павле, рече Иванов.
Претседателот уште потсети на зборовите на еден од татковците на Европа, Жан Моне, кој рекол дека ако Европа треба одново да се создава, тогаш треба да се започне со културата, со уметноста.
– Оваа мисла на Моне се однесува не само на Европа, туку и на сите геостратегии што се кројат во светските центри на моќ, особено имајќи предвид дека годинава се слават 70 години од Универзалната декларација на човековите права. А едно од тие права е и правото на учество во културата и уживање во уметноста, порача Иванов.
Во име на учесниците на Фестивалот уметничката порака ја пренесе актерот Никола Ристановски, кој рече дека уметноста нема да го спаси светот, оти сите нејзини музи веројатно не можат да го направат многу подобар ниту многу поправеден животот во него, но истовремено забележа дека животот без уметност е далеку потежок.
Повеќе од 800 уметници од 27 земји од целиот свет наредните месец и половина ќе музицираат, глумат, создаваат уметност на неколкуте фестивалски сцени во Охрид. Како посебни доживувања на 58-то фестивалско издание се очекуваат концертите на пијанистот Николај Лугански, челистот Александар Књазев, виолинистот Сергеј Крилов, потоа пијанистот Александар Маџар, виртуозот на усна хармоника Антонио Серано, акапела-секстетот „Д’Квин Сикс” од Велика Британија, како и неколку концерти што ќе се реализираат во соработка со амбасадите во Македонија. Традиционалната Полска вечер на фестивалот ќе донесе концерт на барокниот ансамбл „Вроцлав”, во рамки на Француската вечер ќе настапат светски познатиот пијанист Мишел Бурдонкле и неговиот син Николас, а во соработка со Амбасадата на Шпанија во Скопје ќе настапи сопранистката Еугенија Боикс и пијанистката Ана Ферер.
Драмската програма ќе понуди театарски креации од домашните театарски куќи, како и гостувања на театри од Србија, Хрватска и Словенија.
Фестивалот е дел од семејството на Европската асоцијација на фестивали уште од 1994 година, кога и официјално зачекори кон остварување на мисијата – културна Европа со заеднички врвни културни вредности.
„Охридско лето” денес претставува големо достоинство и исклучителна културна придобивка за Охрид и Република Македонија, манифестација која на најдостоинствен и најрепрезентативен начин не промовира ширум светот.