Гасот и нафтата отсекогаш биле жариште на проблемите на Блискиот исток, пишува италијанскиот весник „Il Sole 24 Ore”, истакнувајќи дека причината за војната во Сирија е всушност моќен гасовод
Војната во Сирија започнала затоа што сирискиот претседател Башар ал Асад одбил да прифати преку сириската територија да мине моќниот гасовод од Катар во Европа.
Тоа, наведува италијанскиот весник, го предочил и Роберт Кенеди Помладиот во анализа во списанието Politico, во која објаснил дека „вистинската причина за војната во Сирија е одбивањето на Асад да прифати гасовод од Катар до Европа, поради што Западот започнал кампања за оцрнување на Асад”.
Кенеди Помладиот, роднина на поранешниот американски претседател Џон Кенеди, наведува дека таа кампања за оцрнување на шефот на владата во Дамаск „не започнала поради мирните протести на сириската опозиција во времето на „арапската пролет” во 2011 година, туку кога Катар во 2009 година понудил да изгради гасовод вреден 10 милијарди евра, кој би одел преку Саудиска Арабија, Јордан, Сирија и Турција” во Европа, а Асад одбил.
Претседателот Асад, се додава во текстот, тоа го образложил со тоа што овој гасовод би дошол во судир со интересите на неговиот сојузник Русија, најголем доставувач на гас во Европа.
„Ете добра причина да се согледа и побудата за интервенцијата на Москва во Сирија, па и неодамнешната средба во Анкара на Путин и Ердоган и нивниот договор да ги обноват плановите за изградба на гасоводот Турски тек”, нагласува Il sole 24 Ore.
Се забележува и дека „мора да се внимава кога се зборува за енергетските билатерални проекти на Блискиот исток: доколку некому правиш услуга, биди сигурен дека ќе наштетиш на некој друг”.
Миланскиот дневник додава дека Асад во 2010 година почнал да се договара со Иран, својот историски шиитски сојузник, а клучен противник на Америка и Саудиска Арабија, за изградба на гасовод со голем капацитет кој иранскиот гас преку Ирак би го праќал во Либан, Сирија па натаму во Европа…
Il Sole 24 Ore вели дека Кенеди помладиот навел разузнавачки податоци дека веднаш американските тајни служби, заедно со Катар и Саудиска Арабија, започнале со финансирање на сириската опозиција и подготовки за рушење на режимот во Дамаск.
„А истовремено во јуни 2011 година, Обединетите Арапски Емирати, во име на земјите од Заливот, му понудиле на Асад финансиска поддршка од точно 150 милијарди долари да раскине со политичкото, економско и воено сојузништво со Техеран”.
„За возврат, покрај пари, земјите од Заливот ветиле дека ќе биде сопрен бунтот против Дамаск”, пишува италијанскиот весник.
Асад тоа го одбил, и амбасадорите на САД и Франција во Дамаск отишле во средиштето на бунтовниците во градот Хама, да го поддржат бунтот против сириската влада.
„Така оправданиот бунт на народот против автократскиот и брутален режим се претворил во војна преку посредници, со учество на Турција, а со благослов на тогашната американска државна секретарка Хилари Клинтон и парите кои доаѓале од Саудиска Арабија и Катар”, се наведува во текстот.
Катарскиот гасовод, одбиен во 2009 година, бил некој вид на проширена верзија на гасоводот Таплин, кој уште во 1947 година сакале да го изградат американската компанија „Бехтел” и саудиската фирма „Арамко”, па кога тоа го сопрел сирискиот парламент, ЦИА организирала државен удар во Дамаск.
Потоа во 1953 година Британците и Американците организирале рушење на иранскиот претседател Мосадек, кој ја национализирал индустријата со нафта… а слични настани уследиле минатите децении во целиот регион.
Во статијата се додава историјата во Сирија и Месопотамија на некој начин ќе се повторела доколку не дошло до руската интервенција во септември 2015 година, а Москва е играч кој сака да ја пополни празнината која таму ја оставиле Американците.