Oд 200 повредени во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март, уште 10 се на болничко лекување, од кои 1 е сè уште во тешка состојба, рече Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) на трибинатa во Владата „Кочани е наш приоритет“.
Во пожарот загинаа вкупно 62 лица, од кои 59 ноќта на 16 март и уште тројца кои подоцна починаа при лекувањето во странство.
Според официјалните податоци, од 200-те повредени 187 биле регистрирани на болничко лекување, од кои 116 во странство, а 71 во Македонија.
Последните повредени кои деновиве се вратија од странство се Ангела Бошковска (24) и Андреј Георгиев (23), кои минатата седмица ја напуштија Клиниката за пластична и реконструктивна реконструкција во Белград.
– Во моментот двајца имаме во Грција, двајца во Турција, еден во Словенија и пет се во земјата. Еден пациент сè уште, условно да кажам, е во тешка состојба, се наоѓа во Словенија затоа што одлучија да го рехабилитираат таму. Од другите кои се третираат, имаме 16 на плазма третмани збогатени со тромбоцити и без збогатување со тромбоцити, шест на Клиниката за пластична хирургија и десет во „Св. Наум Охридски“. На преврски и слични третмани има 38 повредени, во болниците „8 Септември, „Св. Наум Охридски“, „Аџибадем Систина“ и петмина во Кочани. На физикална терапија се 46 лица, од кои сите во Кочани, само едно лице е во „8 Септември“ бидејќи му се прават и преврски и физикална терапија, истакна Клековски.
Од петмината останати на лекување во Македонија, тројца се на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, тоа се пациенти кои се вратени од странство, и двајца се во „Аџибадем Систина“.
Состојбата со повредените во трагичниот пожар во Кочани постојано се следи, има напредок во нивното лекување што се спроведува во домашните болници, а државата има капацитети да одговори на потребите за понатамошен третман.
– Во Кочани имаме двајца физијатри и четири физикални терапевти за тие 46 пациенти. Во меѓувреме, формиран е пул од 15 физијатри и шест физикални терапевти од Клиниката во Козле, за физикална терапија и од „8 Септември“, и тие ќе бидат на располагање на Општата болница во Кочани. Дел од овие физијатри ќе бидат вклучени во проценка на состојбата и како тече рехабилитацијата пациентите. Работната група за мониторинг на напредокот на пациентите досега оцени околу 160 повредени, а уште околу 15 пациенти не биле достапни и тие се во комуникација да бидат вклучен, додаде Клековски.
Државата има исплатено A$600 илјади а Црвениот крст над A$3 милиони како помош за настраданите
Директорот на Службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски рече дека од резервите на Буџетот на државата се резервирани 30 милиони денари (A$857,000) за да се пружи помош при транспортот, сместувањето на придружбата на овие пациенти и дека до овој момент се потрошени 21 милион денари (A$600,000) државни пари.
– Уште 5 пациенти се на долекување во странство, исто имаат придружба, исто така им се покриваат трошоците за сместување и се надевам дека за брзо ќе ги вратиме назад во нашата држава. Тоа не значи дека тука сè завршува. Државата стои на располагање и ќе стои се до оној момент додека не добиеме јасна слика и додека не си ги вратиме пациентите тука назад во Македонија и да ги излекуваме до крај, кажа Томовски.
– На сметката на Црвениот крст на Македонија пристигнаанад 150 милиони денари (скоро A$4.4 милиони). Од нив досега се исплатени над 107.4 милиони денари (над А$3 милиони), а на единствената солидарна сметка за исплата остануваат уште 49 милиони денари (A$1.4 милиони). Парите за поддршка се исплатени во шест наврати, кон три категории корисници. Едната категорија се семејствата на починатите, при што почнавме со 60 семејства, но знаете, за жал, завршивме со 63, потоа кон 116 повредени лица кои се лекуваа во странство и 71 лице кое се лекуваше во државата. Збирно, средствата кои беа исплатени на семејствата на починатите изнесуваат 52.038.593 денари (скоро A$1.5 милиони). Средствата кои се исплатени кон лицата, односно семејствата на лицата кои се лекуваа во странство, се во износ од 44.163.258 денари (над A$1.26 милиони) и трансферот кон лицата кои се лекуваат во државата, разбирливо е најмал, затоа што имаше само една исплата од 11.247.000 денари (A$320,000). Сето тоа заедно чини 107.449.000 денари. Средствата кои сè уште се на сметката на Црвениот крст и не се исплатени до денес се во износ од 49.012.634 денари, истакна Саити.
Генералниот секретар на Црвен крст додаде дека исплатата на преостанатите средства ќе биде по согледувањето на резултатите од евалуацијата на повредените и нивната здравствена состојба.
Притоа, нагласи дека нема да се исплаќа иста сума линеарно, затоа што секој пациент има различна потреба и тежина на повредите, и различна прогноза за нивно лекување