Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Горан Пандев блесна со двата гола за победа на Џенова против неговиот бивш клуб Наполи (2:1), па стана најефикасниот фудбалер од бившојугословенските простори со 97 гола во Калчото. Го мина Мирко Вучиниќ, кој има постигнато 96 гола.
Ова е големо признание за нашиот капитен ако се знае дека во Серија А играле големи ѕвезди од екс-Југославија како Иличиќ, Џеко, Станковиќ, Савичевиќ…
Пандев после мечот истакна дека верува дека ќе дојде до бројката од 100 погодоци во Серија А.
Иако има 37 години, имаше најави за пензија после настапот со Македонија на “Евро 2021”, дека од јули ќе ги закачи копачките на клин.
– Пензија? Имав тежок период да се рехабилитирам од последната повреда, но сè уште се забавувам и добро сум. Ќе видиме. Моето размислување е да се пензионирам после Европското првенство, но сè уште ништо не се знае, рече Пандев за „ДАЗН”.
Два гола му даде на Наполи за 15 минути во првиот половина час од мечот, а двата потези го решија мечот, но го расплакаа Неапол, каде играше со успех неколку сезони. Тој головите во знак на почит кон наполитанците не ги прослави, но посочи дека Наполи ќе се врати посилен.
– Јас минав прекрасни години во Неапол, тие се голем тим, но имаат многу повредени и со ковидов не е лесно. Но, ќе се вратат посилни, зашто се голем тим, им порача Пандев на наполитанците.