Папуа Нова Гвинеја ќе го затвори австралискиот мигрантски камп на Манус

Папуа Нова Гвинеја ќе го затвори мигрантскиот центар на островот Манус што Австралија го користи за сместување на барателите на азил, истакна тамошниот премиер Питер О’Нил.

Неговото соопштение следуваше по пресудата на Врховниот суд на Папуа Нова Гвинеја во вторникот, која вели дека затворањето на луѓето во кампот е противуставно, пренесува Би-би-си. Aвстралискиот прајминистер Малколм Турнбул рече дека азилантите се одговорност на Папуа Нова Гвинеја.
– Нормално, ние работиме и ќе работиме со нив, ќе ги поддржуваме, но ова е прашање за кое мораме да ги анализираме пресудата, импликациите, кои се опциите за владата на Папуа Нова Гвинеја. Затоа не можам да дадам дефинитивни насоки денес – истакна тој.
Моментно во кампот има околу 850 лица, а со него управува австралиска приватна компанија. О’Нил истакна дека по пресудата, Папуа Нова Гвинеја веднаш ќе побара од австралиската влада да изготви алтернативно разместување на барателите на азил. Тој додаде дека оние за кои се смета дека се легитимни бегалци, ќе бидат поканети да живеат во Папуа Нова Гвинеја ако сакаат да бидат дел од општеството и да придонесат за заедницата.
– Јасно е дека некои од овие бегалци не сакаат да се сместат во Папуа Нова Гвинеја – рече О’Нил.
Би-би-си анализира дека соопштението на О’Нил ја остава Австралија со главоболка што да прави со барателите на азил. Едната опција е Австралија да ги префрли во своите центри во Науру и Божиќниот Остров. По пресудата на Врховниот суд, австралискиот министер за имиграција, Питер Датон, истакна дека на барателите на азил нема да им биде дозволено да влезат во Австралија. Претседателот на австралиската Kомисија за човекови права, Гилијан Тригс, рече дека одлуката на судот покажува оти имиграциската политика на земјата не е во чекор со меѓународните норми.
Петмина судии од Врховниот суд на Папуа Нова Гвинеја пресудија дека кампот на Манус го прекршува членот 42 од Уставот, кој гарантира лична слобода. Судот рече дека треба да се преземат сите чекори за да се стави крај на илегалното притворање.
Во 2014 година владата на Папуа Нова Гвинеја усвои амандман на членот 42 за да додаде параграф со кој се дозволи задржување странци според договор со друга земја. Но, Врховниот суд пресуди дека амандманот е противуставен бидејќи не го исполнува барањето за почитување на правата и достоинството на човештвото.

Останати вести