Парламентот се самораспушти со „отказен рок“, ја констатираше оставката на Груевски, ја изгласа новата техничка Влада

Гласањата по трите точки на седницата поминаа без пра­те­ниците на опозицијата. Собранието одработи ефикасно, исто како кога СДСМ беше во бојкот

ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ сфатија дека имаат “зелено светло” од еврокомесарот Хан да одат на избори на 24 април. За да се фатат роковите и да се стави СДСМ пред свршен чин, брзо се организираше смена на премиерската позиција на 95 дена пред изборите.

Собранието направи преседан со тоа што си изгласа “одложено самораспуштање” – ефективно од 24 февруари
На 87-та собраниска седница во понеделникот требаше да има само три точки на закони, но во последен миг беа вметнати: распуштањето на Парламентот, оставката на Никола Груевски и изборот на нов премиер. Спикерот Трајко Вељаноски рече дека на седницата биле поканети претседателот Иванов, премиерот Никола Груевски и членовите на Владата но премиерот известил дека нема да ја образложи дополнително оставката.
Координаторот на пра­те­ничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски пред­ложи прва точка на дневниот ред да биде распуштање на Собранието.
Предлогот на Димовски беше Собранието да гласа за распуштање кое ќе се применува од 24 февруари, односно 60 дена пред предложениот датум за избори од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
– Ова е единствен начин граѓаните да одлучат, самите на избори, дали сакаат деструктивна политика или градење на болници, училишта, патишта и нови фабрики, истакна Димовски.
Координаторот на ДУИ, Талат Џафери, го подржа предлогот за распуштање на парламентот.
– Ние водиме конзинстентна политика и сакаме да ги испочитуваме роковите од Пржино за договорениот ден на изборите, изјави Џафери од ДУИ.
„Врз основа на Член 93, Став 3 од Уставот на Република Македонија, оставката на претседателот на Владата повлекува и оставката на Владата. Констатирам дека врз основа на Член 220 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, на претседателот на Владата Никола Груевски и на Владата им престанува мандатот”, констатираше претседателот на Собранието, Трајко Велјановски.

СДСМ ја напушти седницата
Процедурално, координаторот на пратеничката група на СДСМ, Горан Сугарески се обрати од собраниската говорница и кажа дека македонските граѓани цели 10 години го чекале овој ден.
– Јасно е дека доаѓа крајот на оваа криминална власт. Оставката е потврда дека во изминатиот изборен циклус се случуваа изборни грабежи. На Груевски му треба медиумски мрак и непрочистен Избирачки список. За СДСМ не се прифатливи избори без прочистен список и регулација на медиумите, рече Сугарески.
По обраќањето, опо­зи­циските пратеници ја напуштија салата.
Собранието на РМ со 72 гласа “за” (на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ) ги усвои сите три вонредно предложени точки (воздржано гласаше ДПА): распуштање на Парламентот на 24 февруари, оставката на премиерот Никола Груевски и неговата Влада и, малку потоа (по паузата за претседателот на државата официјално да му го даде мандатот на Емил Димитриев) новата привремена Влада со истиот министерски состав.
На овој начин се решени сите прашања околу организирање на предвремените парламентарни избори на 24 април. Останува уште да се убеди опозицијата да се појави на тие избори.

Останати вести