Партиите на Албанците ќе добијат до 9 ресори и 4 вицепремиерски места?

Последниот владин состав броеше 25 ресори плус премиерската функција, од кои пет вицепремиерски позиции, 13 министерства и седум министерства без ресор.

Мандатарот Зоран Заев деновиве имаше средби со лидерите на ДУИ и на движењето Беса, во преговорите за формирање на Влада.
Според информациите, на средбата со Али Ахмети од ДУИ се усогласувале ставовите околу најважните точки од програмата на новата влада, но и околу распределбата на министерските позиции. По средбата двајцата лидери не дадоа изјава за медиумите. Немаше изјави ниту по средбата на Заев со Касами од Беса.
Најголем дел од министерските места сосема е очекувано да добие СДСМ. Од таму речиси потврдени се имињата на Радмила Шеќеринска, Драган Тевдовски, Оливер Спасовски, Мила Царовска, Љупчо Николовски и Едмонд Адеми за идниот владин кабинет на Зоран Заев, меѓутоа непознат е нивниот распоред по ресори.
Исто така, се почесто се шпекулира дека идниот шеф на дипломатијата ќе биде Никола Димитров, кој не е член на СДСМ. Тој беше преговарач за името, амбасадор на Македонија во САД и водач на тимот пред Хашкиот суд за правда.
Според една неодамнешна изјава на Ахмети, тој очекува дека ДУИ ќе ги има истиот број на членови во Владата (8) што ги имаа и во коалициијата со ВМРО-ДПМНЕ. Но, по се изгледа ќе треба да се задоволи со 5 ресори и двајца вицепремиери.
Неофицијално, ДУИ сигурно ќе ги добие ресорите образование, локална самоуправа, животна средина и економија, како и вицепремиерските позиции за Рамковниот договор и за евроинтеграциите.
Се очекува дека партиите на Албанците ќе добијат осум, односно девет министерски места, од кои две без ресор. Бројот на министерски места ќе зависи од тоа дали Беса ќе влезе во Владата или не. Ако влезе, тогаш ќе добие најмалку две министерски места (едно од ДУИ и едно од СДСМ) и еден вицепремиер. За Алијансата за Албанците засега речиси сигурно е местото министер за здравство кое би го водел Арбен Таравари.
Засега сите информации околу распоредот на министерските места и имињата се во рамките на шпекулации.
За позицијата вицепремиер за спроведување на Охридскиот договор од ДУИ се спомнува името на Изет Меџити, а Теута Арифи има можност да биде нов шеф на државната дипломатија.

ПРАВДА КАЈ БЕСА, ЕЛЕМ И ЦАРИНА КАЈ ДУИ?
Доколку Беса влезе во Владата (а нивниот принцип е да нема инкриминирани кадри во неа од ДУИ), тогаш тие би земале најмалку два ресора – по еден од ДУИ и од СДСМ. Притоа, сакаат најмалку едно од нив да биде значајно министерство за идните реформи. Од Беса наводно го “пикирале” Министерството за правда, кое се шпекулираше дека било ветено на ДУИ.
Во тој случај, според шпекулациите, за да се “одоброволи” ДУИ би ги добила пребогатото државно претпријатие Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) и Царината. Така Ахмети да може да се пофали пред сопартијците дека “се компензирале” со две многу значајни позиции на сметка на едно министерство.

АХМЕТИ: НЕМА ВРАЌАЊЕ НАЗАД, ЌЕ ДЕЈСТВУВАМЕ ВО СОГЛАСНОСТ СО ВОЛЈАТА НА ГРАЃАНИТЕ
– Го поздравувам доделувањето на мандатот за формирање на новата реформска влада во согласност со Уставот. Како што кажав уште на самиот почеток, ние ќе дејствуваме во согласност со волјата на граѓаните и враќање назад нема, рече лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
– Нашата клучна, определена и одлучувачка улога во новото мнозинство ќе ја ставиме во служба на реформите во согласност со очекувањата на меѓународната заедница, добрите меѓуетнички односи и Охридскиот договор како и интеграцијата во НАТО и во Европската Унија заедно со отворањето на нови работни места – рече Ахмети.

Останати вести