Претседателот Стево Пендаровски во Битола присуствуваше на отворениот ден за граѓаните со учесниците на воената вежба „Одлучен удар”. Таму пред граѓаните беа претставени опремата, постапките и процедурите што се користат при спроведување на вежбата, како и дел од вештините на војниците учесници на вежбата.
– Имавме прилика во Битола да видиме дел од опремата, вооружувањето, па и дел од персоналот војници и старешини кои учествуваа на вежбата која во изминатите месец и половина се одвиваше на воениот полигон „Криволак”. Тоа е најголема воена вежба во историјата на нашата земја, со околу 2.700 војници вкупно. Тука ми е посебна чест што имаше и припадници на американскиот контигент, од кои околу 40 проценти беа во составот на таа мултинационална вежба. Значи над 1.200 американски војници имавме на наша територија, што е само показател дека стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и Соединетите Американски Држави трае, успешно е, ефикасно е, и со нивна помош очекуваме до крајот на годината да ја постигнеме и формално најголемата стратешка цел која ја имаме зацртано уште во деведесетите, а тоа е полноправното наше членство во НАТО алијансата. Во тој дел можам да ве информирам дека процесот на ратификација на пристапните протоколи во сите земји-членки оди со одлично темпо, дури и во овој, практично веќе, летен период. Очекуваме уште 11 ратификации. Останатите земји-членки од 29 тоа го завршија. Во овие 11 постапката е или почната или е при крај. Она што е за нас битно е што во државите кои внатрешно имаат компликувани процедури од технички аспект, или имаат да речеме дводомни парламенти, таа постапка е веќе поодмината. Ние се надеваме до 4 декември, до самитот на НАТО кој е веќе закажан во Лондон, Велика Британија, да станеме и формално 30 членка на алијансата, токму во годината кога НАТО слави 70 години од своето формирање – изјави претседателот Пендаровски.
Вежбата „Одлучен удар” се изведува на армискиот полигон „Криволак” од 5 јуни до 9 јули и на неа учествуваат околу 2.700 војници од Македонија, САД, Литванија, Албанија, Бугарија и Црна Гора. Целта на вежбата е зајакнување на стандардните оперативни процедури на единиците, подобрување на интероперабилноста, унапредување на заемното разбирање, доверба и зајакнување на меѓусебната соработка.