Пендаровски ја испраќа Билјана Сековска како нова амбасадорка во Австралија

Претседателот Стево Пендаровски ги прими новоименуваните амбасадори на Македонија пред заминување во мисиите каде што ќе ги извршуваат своите дипломатски должности.

Осуммина нови амбасадори ќе заминат наскоро на функциите, откако завршија процедурите за нивно именување.
Со нивното именување се пополнуваат испразнетите дипломатски мисии во Грција, како и во Хрватска и во Чешка. Се пополнуваат и амбасадорските позиции во Австралија, Јапонија, во Естонија и во Холандија, додека, на мултилатерален план, како македонска амбасадорка во Советот на Европа заминува Светлана Гелева од МНР.
Дипломат во МНР е и Сашко Тодоровски, кој е именуван за амбасадор во Прага.
Билјана Стефановска-Сековска во Австралија, Горан Цеков заминува во Јапонија, Бети Јачева во Холандија, а Драган Јордановски во Естонија.
Исто така, Лидија Бошковска оди за амбасадорка во Атина, а Милаим Фетаи во Загреб.
Првата група амбасадори што Владата ги предложи уште во декември 2019 година, пред распишувањето на предвремените парламентарни избори, заминаа во мисиите кон крајот на минатата година.
Тогаш, освен амбасадорското место во НАТО во Брисел, се пополнија и позициите во Приштина и во Тирана, а сега заминува нова амбасадорка и во Атина.
Поголемиот дел од амбасадите на Македонија во странство веќе неколку години не само што се без амбасадори, туку во моментов се или со вршители на должност или пак речиси празни, со најмногу двајца дипломати од понизок ранг .
Според дел од поранешните дипломати немањето на амбасадори во дипломатски претставништва е прво сериозен хендикеп за самата земја и второ, ако таа практика долго трае, е порака за земјата-домаќин дека не им се придава некаква важност на односите со неа.
Во непосредното соседство, и натаму се празни амбасадорските места во Белград и во Софија, а Македонија нема амбасадор ниту во Вашингтон ниту во Москва…
Амбасадата на Република Македонија во Канбера по заминувањето на амбасадорот Веле Трпевски (од 15 април 2018 година), ја раководеше г-ѓа Грета Станоевска, советник и времен вршител на работите во амбасадата на Република Македонија во Канбера.

Останати вести