Претседателот на државата Стево Пендаровски излезе пред јавноста со своите размислувања во однос на случајот „Рекет”. Според него, ова е огромна криминална афера која ги тресе темелите на важни државни институции и ја доведува во прашање довербата на граѓаните во нас политичарите и во сопствената држава.
На прес-конференција одржана во неговата резиденција, Пендаровски порача дека аферата мора да се расчистува брзо и темелно, оценувајќи притоа дека одговорност мора да има и по хоризонтална и по вертикална линија. Мора да има одговорност за сите за кои ќе се докаже вина, без разлика, како што вели, на нивната партиска или политичка припадност.
Тој јавно постави четири барања.
– Прво: ефективно, брзо и темелно завршување на истрагата. Јас јавно кажав дека сум разочаран од тоа што го слушнав и повикав на брза и темелна истрага. Наместо тоа, надлежните отидоа на годишен одмор како да се работи за рутински предмет
– Второ: доколку има докази, да се поднесат обвиненија против сите инволвирани, без разлика дали се на функција или не.
– Трето: инстистирам да се види и дали, освен кривично-правна, има и политичка одговорност на политичарите, независно дали се од власта или опозицијата. Најдобро би било сите оние чии имиња се споменати самоиницијативно да дадат изјави пред надлежниот обвинител за да покажат пред јавноста дека сме сите исти.
– Како четврто и последно, им давам целосна поддршка на надлежните институции, а особено на Јавното обвинителство и Судот и ќе ги употребам сите овластувања за да ги заштитам од притисоци, како и националната безбедност од евентуални обиди за нејзино нарушување, било од внатре било од надвор. Како што верував во СЈО порано, денес уште повеќе верувам во потребата за институција која ќе се бори против високата корупција. Евентуална индивидуална одговорност на еден обвинител не смее да ги доведе до прашање СЈО и доказите изведени во законска процедура – рече Пендаровски, додавајќи дека нема правна држава ако власта ги гони криминалците само од претходната власт, а не, како што вели, и криминалците во своите редови.
Одговарајќи на новинарско прашае Пендаровски призна дека сепак „како човек” и „од она што досега го знаеме”, е разочаран во Катица Јанева.
„Рекет” не го менува ставовот на ЕУ, но да не им дадеме шанса со инертноста да го сменат
– Денес разговарав со некои луѓе од Брисел кои ме уверуваат дека засега нема промена вo ставовите на ниту една земја членка во насока на ревидирање на веќе искажаниот став за нашето членство во ЕУ, поради аферата „Рекет”, рече понатаму претседателот на државата Стево Пендаровски. Тој сепак потенцираше дека не треба да се остава простор за некоја земја да изрази такво сомневање.
– И помали афери од оваа може да бидат повод некои земји членки да кажат дека не ни требаат овие од Западен Балкан, затоа не треба да им даваме оправдувања. Не смееме да оставиме преку инертност да оставиме и најмал сомнеж дека не сме способни да расчистиме ваков случај, рече Пендаровски.
Во однос на НАТО оваа афера нема последици. Сепак, сите го знаеме проблемот со Шпанија, каде не може да се формира нова влада. Ако таму одат на нови избори тогаш нема да стигнат да го ратификуваат Протокоот за прием на Македонија во НАТО до 4 декември.