Пензиониран полковник на АРМ од Штип е осомничен дека бил главен актер во голема финансиска измама тешка околу $ 1.4 милиона, соопшти Управата за финансиска полиција.
Според истрагата, измамничката шема се одвивала на тој начин што полковникот во соработка со неколкумина сопственици на криминално задолжени фирми од Скопје, Штип и од Куманово ги префрлале на бугарски државјани со цел да избегнат обврски кон државата и кон други фирми.
– Финансиската полиција спроведе предистражна постапка кај фирмите „Стар Груп” од Скопје, „Витамин Ага” од Гостивар, „Ванекс” од Тетово, „Златен Клас”, „Златен Клас Род” и „Златен Клас Џуна” – сите три од Куманово, при што откри постоење на основано сомневање за сторен финансиски криминал тежок 935.000 евра, објавија од Управата за финансиска полиција.
Шесте осомничени фирми, преку нивните сопственици и управители, во изминатите неколку години најголем дел од нивното деловно работење го вршеле незаконски, односно прозводите кои ги произведувале или увезувале од странство, ги продавале за готови пари, на црно без притоа да ги пресметаат и да ги платат даночните обврски кон државата.
– Најголем финансиски криминал е откриен во кумановските фирми. И овде организатор е истиот С.С. од Штип заедно со неговиот партнер Р.Т. исто така од Штип, дополнуваат од Финансиската полиција.
За да се прикријат криминалните активности со фирмите, осомничените успеале правните субјекти фиктивно, без надомест, да ги префрлат со сите права и обврски на бугарските државјани Џуна Сашева Асенова и Рачо Борисов Рачев од Ќустендил. За добро завршената работа, на бугарските државјани им била плаќана сума од 50 евра за секоја фирма, додека организаторот С.С. од Штип инкасирал по околу 1,000 евра.
Овој начин на префрлање на задолжени и фирми кои наталожиле голем финансиски долг кон државата е одамна познат. Обично се бараат сиромашни лица од Македонија или од Бугарија, кои живеат во подалечни села, на чие име се префрлаат фирмите. На тој начин новиот сопственик станува должник, а вистинските криминалци се спасуваат од гонење на Финансиската полиција.
Полицијата извршила претрес во домот на пензионерот при што е пронајдена документација која се однесува на правните субјекти кои со неговиот ангажман се пренесени на државјани на Бугарија.