Стравични сцени, згмечен автомобил, пет трагично загубени животи (тројца мажи и две жени) е црниот биланс од сообраќајна несреќа во близина на скопската населба Драчево.
Се случила минатиот вторник околу 23:40 часот на булеварот “Борис Трајковски”, а во неа учествувале камион за собирање ѓубре марка „мерцедес”, управуван од 44-годишниот М.Ј. и патничко возило „рено 5″, управувано од 43-годишниот Јованче Лазаревски.
Во несреќата покрај возачот на “реното” Јованче на самото место загинале и сопатниците: Аница Трајковска (53), Елена Трпевска (37), Илјер Ајвазовски (40) и пензионираниот полицаец Спасе Н., чија идентификација одеше бавно. Никој од нив не бил во роднинска врска што укажува дека биле друштво.
Додека, возачот на камионот М.Ј. се здобил со повреди и бил пренесен во Градската општа болница”‘Св. Наум Охридски” каде му била укажана лекарска помош и бил задржан на понатамошно лекување.
Увид на местото извршил јавен обвинител и увидна екипа на СВР Скопје. Телата на починатите биле предадени за обдукција, велат од МВР.
Според првичните наоди на истрагата автомобилот во кој биле жртвите од непознати причини преминал во спротивна лента, при што дошло до директен судар со камионот. Според информации на телевизија Сител, друштвото било во кафеана во Драчево и оттаму решиле да тргнат кон Скопје. До кобниот судир дошло веднаш откако ја напуштиле населбата и тргнале кон Пинтија.
Возачот Лазаревски бил припадник на „Тврдокорни”, па и оттаму преку социјалните мрежи се простуваа од својот пријател.
„Ги известуваме сите наши браќа дека во сообраќајна несреќа загина нашиот брат, уставобранител, Јованче Лазаревски-Шиљо. Лесна му земја, Бог да го прости”, пишуваа „тврдокорните” на социјалните мрежи.
Лазаревски, кој зад себе остави сопруга и две деца, бил од селото Драчево, како и Трајковска, додека Трпевска живеела во Лисиче.
За Илјер соседите велат дека бил невработен, неженет, имал некои проблеми со законот, но тамам се смирил и сакал да почне од почеток, ама Господ имал поинакви планови за него…
Сведоци на настанот велат дека сликата била траорна. Автомобилот целосно бил смачкан, а први притрчале да помогнат вработените на бензинските од околината. Тие максимално се труделе да им помогнат на повредените, но било тешко да се извадат од смачканите остатоци од автомобилскиот лим.