За првпат во десетгодишното постоење, актерската награда за животно дело “Петре Прличко” ја доби жена. Тоа е Милица Стојанова.
Таа со многу возбуда ја прими веста, па во изјава за јавноста рече: “Многу сум среќна и бескрајно благодарна.
Со еднаква енергија, еднаква љубов влегувам во работата. Учев од великани, кои неуморно ни ја предаваа магијата на театарот. Тоа е големо богатство. Задоволство ми е што имав можност да играм многу ролји и, уште поважно, што играв во режија на значајни режисери, дали домашни дали од страна. Затоа велам со гордост дека сум дипломирала осум пати.
Ова признание ми е посебно драго, затоа што имав привилегија да играм во претстави во режија на нашиот великан Петре Прличко. Бев и актерка, неговата ќерка Марица во неговото славно ‘Сомнително лице'”.
“Стојанова е жив дел од колективната меморија на македонскиот театар. Таа е јадро, учител, прекрасен соработник, реткост најдена во друга реткост, Милица Стојанова е една од најголемите привилегии кои се случиле во македонскиот театар”, пишува во образложението на жирито.