Пикасо во МKЦ, влез слободен!

Ексклузивна изложба во Младинскиот културен центар
По три години преговори, педесетина дела на Пабло Пикасо ќе ја красат галеријата на скопски МKЦ од 19 февруари до 16 март. 

“Елајте, влезот е бесплатен!” Вака директорот на Младинскиот културен центар во Скопје, Златко Стевковски, ја најави ексклузивната изложба на „магот” Пабло Пикасо. Делата, четириесет и шест факсимили на цртежи, литографии и одделни гравури, создадени од 1932 до 1969 година, се сопственост на галеријата „Висконти” од Љубљана, Словенија.
Во галеријата на МKЦ ќе бидат изложени три мапи на Пикасо. „Двојна флејта” од 1967 година содржи 16 литографии направени според цртежи и лавирани акварели од периодот меѓу 1932 и 1955 година. „Фауна и флора од Антиб”, 1960, е мапа што претставува девет литографии, со текст на Хаиме Сабартез. Пол Елијар: „Цртежите на Пикасо”, 1952, претставува мапа-книга со шеснаесет факсимили на цртежи од периодот меѓу 1942 и 1946 година.

Следува уште поголема изложба

Изложбата на делата на Пикасо била договарана три години, вели Стевковски. Но, МKЦ најавува уште „посветски” настан, изложба на американските поп-арт легенди, во која ќе бидат изложени дела од три галерии.
– Американската изложба ќе биде уште поголема – најавува Стевковски. МKЦ за годинава најави голема поп-арт изложба на Енди Ворхол, дела од Рој Лихтенштајн, Роберт Раушенберг.

Останати вести