Пред една недела е достигнат врвот со новозаразени со коронавирус, по што бројот на активни случаи постепено се стабилизира, информираше министерот за здравство врз основа на епидемиолошките анализи.
Тој потенцираше дека и наредните 2-3 месеца се очекува лесно намалување на бројката на новоинфицирани, но не сакаше да прогнозира дали после Нова година можно е да има нов силен бран како што најавија многу држави во регионот.
– Очекувањата ги кажуваме со резерва, не знаеме како ќе се однесува вирусот. Очекуваме сосема лесно намалување на бројот на новодијагностицирани, изјави министерот Венко Филипче.
Поради ваквата состојба не се планира воведување дополнителни мерки како што се полициски час и карантин.
Филипче смета дека ограничување на движењето по 21 часот нема да промени ништо, бидејќи и така во тој период е намалена фреквенцијата на улиците. Тој повторнои апелираше граѓаните да ги почитуваат сегашните мерки и пред се да не се групираат во домашни услови.
Од почетокот на епидемијата до сега во Македонија се регистрирани над 60.000 инфицирани, а како жртви на коронавирусот се водат околу 1.700.