Македонецот Ненад Јолдески на пригодна свеченост во Брисел ја прими наградата за литература на Европската Унија. Во изборот на Европската комисија, 30-годишниот Јолдески се најде меѓу годинашните 12 добитници на оваа престижна награда во конкуренција на писатели од цела Европа.
На свеченоста, на која Јолдески го доби признанието од еврокомесарот за образование Тибор Наврачиќ, присуствуваа и македонските амбасадори при Кралството Белгија, Лазар Еленовски и при Европската Унија, Андреј Лепавцов. Македонскиот писател посочи дека оваа награда е од огромно значење, особено во поглед на промоцијата и на преводите на книгата кои ќе се остварат во иднина.
– Наградата, исто така, доаѓа во вистинско време и се надевам дека ќе придонесе и ќе ми помогне во мојата книжевна кариера. Може да се каже дека наградата покрај другото е замислена да ги приближува различните култури на Европа со цел тие да дејствуваат како едно во разноликоста. Културата отсекогаш била најдобриот амбасадор, така што дефинитивно оваа награда оди на позитивното конто на нашата држава – изјави Јолдески.
Ненад Јолдески е од Струга и е магистер по компаративна литература, писател и автор на две збирки кратки раскази. Неговото дебитантско дело „Тишината на Енхалон”, напишано на македонски дијалект и сленг ја доби „Новите” – наградата на книгоиздавачот „Темплум” во 2009 година. Неговата втора книга „Секој со своето езеро” беше објавена исто така од „Темплум” во 2012 година, а тој има издадено и збирка куси раскази посветени на рускиот емигрант д-р Николај Незлобински под наслов „Николај”.