Писмото на игумен Гаврил до свештенството од Австралиско-Новозеландската Епархија, како одговор на нивните претходно испратени „Барања и ставови“:

Возљубени браќа во Христос, го примив вашето писмо и како што побаравте од мене, ви одговарам до определениот рок: 

Забележав главно, три посебни дела во истото.
Во првиот дел гледам неоснован страв дека јас би можел, од местото што моментално ми е дадено во Црквата, да го преземам местото на Неговото Високопреосвештенство г. Петар, надлежен администратор на МПЦЕАНЗ. И самите знаете дека моментално ваква можност постои само ако надлежниот архиереј ме предложи, САС на МПЦ-ОА ме избере во тоа достоинство, а верниот народ тоа го прифати. Така што, очигледно – поради почетната иницијатива на овој процес, не постои потреба од таков страв. Всушност, сите се молиме да биде волјата Божја, а не нашата; и ако сме на тој начин предадени на Бога, нема место за никакви стравови – што и да се случи во иднина.
Во вториот дел прочитав поуки за тоа како требало и како не требало да се води еден манастир. Мислам дека е разумно да се размисли дека тоа најдобро би го знаел човек кој има повеќе од 18 години живеено како монах (особено оној кој директно учествувал во основањето на повеќе манастири во МПЦ), од кои над десет години како старешина на манастир. Секако, вашите совети сигурно добро ќе ми послужат за во иднина, а и како сотрудници на нивата Господова, убаво е заемно со благочестив пример да си помагаме – како и досега.
И читајќи го третиот дел, се изненадив малку од нивото на критиките кон мене како ваш собрат, од вас како свештенослужители на МПЦ-ОА, со кои толку време лично се познаваме. Сепак, во овој дел, многу сум ви благодарен што директно не ме нарековте еретик, а сето останато го сметам во полза на мојата душа.
Ја користам оваа можност сите заедно да се потсетиме дека ние не сме сами по себе свештеници, туку сме свештеници на Црквата. Свештеник без Црква е ништо. И како што за осветувањето на Светите Тајни на Црквата ни е потребно и „амин” од верниот народ, така и за нашите административни постапки ни е потребно „амин” од верниот народ.
Возљубени браќа во Господ Христос, сакам да ве замолам за прошка ако во занесот на мојата ревност за Црквата Божја, не внимавајќи, некого од вас сум повредил со нешто. Исто така, сакам да знаете дека и јас вам ви простувам. Без оглед на тоа каква ќе биде мојата иднина, никогаш не треба да се плашите од мене и секогаш сметајте на мојата лична поддршка – поединечно за секој од вас, и потполно ја разбирам положбата во која се наоѓате.
Ова писмо ќе го пратам до секој од вас лично, да го имате, и ако некогаш случајно излезе некаква потреба, да ми го покажете и да ме потсетите што сум ви ветил.

Ваш, во Христос
Воскреснатиот, брат и
сослужител, игумен
Гаврил (Галев)

23.11.2015 г.
Манастир Свети Наум Охридски – Роклин

Останати вести