Австралискиот министер за имиграција, Питер Датон, беше мета на критики поради ксенофобичните изјави.
Прифаќање на „луѓе кои не знаат да читаат, пишуваат и да пресметуваат на нивниот јазик” ќе го загрози системот за социјална заштита и ќе им ги одземе работните места на Австралијците, рекол министерот за имиграција Питер Датон.
Имено, лабуристичката опозиција предложила Австралија годишно да го зголеми бројот на бегалци кои ги прима од 13.750 на 27.000, а зелените побарале тој број да изнесува дури 50.000.
„Многу од нив не знаат да пресметуваат ниту да пишуваат на својот јазик, а уште помалку на англиски, и тоа е проблем. Сега тие ќе им ги одземат работните места на Австралијците, во тоа нема сомнение”, рекол Датон за Sky News.Тој додал дека многу од оние кои нема да најдат работа, ќе паднат на товар на државата, пренесува AFP.
Поранешниот ресорен министер, лабуристот Крис Браун, го истакнал придонесот на мигрантите во австралиското општество и рекол дека Датон треба да им се извини на мигрантите, а претставниците на Зелените го обвиниле за ксенофобија.
Меѓутоа, Датон ја доби поддршката од министерката за надворешни работи Џули Бишоп, која изјави дека неговата оцена е реална кога станува збор за трошоците за сместување на сè поголемиот број на бегалци.