Звучни новинарски пера се наоѓаат на платните списоци на Соросовите невладини организации, а во игра биле милионски заработки и хонорари. Токму најгласните новинарски пера против власта се оние кои се офајдиле со хонорари, пишува неделникот “Република”.
Во текстот се заклучува дека не било доволно што повеќето работат во медиуми финансирани со парите на Сорос, туку тие си добивале и лични хонорари и плати од ваквиот “чадор” на организации. Се спомнуваат десетици новинарски имиња како Бранко Геровски, неговата сопруга Билјана Илиќ, Драган Антоновски, Мухамед Зекири, Герман Филков, Ида Протуѓер, Сашка Цветковска, синот на Ерол Ризаов, Горан Ризаов, Саше Димовски, Зоран Димитровски, Зоран Бојаровски, Мери Јордановска и други. Тие земале хонорари и примања од различни невладини организации.
Се работи за новинарски имиња препознатливи по острите напади врз Владата на ВМРО-ДПМНЕ, застапување и отворена поддршка на СДСМ и на протестите.
Па така, “Република” пренесува дека поранешниот новинар Герман Филков, кој по укинувањето на А1 телевизија е на чело на Центарот за граѓански комуникации, оттаму во 2014 инкасирал 1.354,022 денари ($ 33,850), а во 2015 од истата организација заработил 1.420,425 денари ($35,500). И поранешната новинарка од А1 Сабина Фахиќ, која работи во истиот “Центар за граѓански комуникации”, инкасирала 1.328,172 денари ($33,200).
Новинарот Драган Антоновски, пак, од Центарот за развој на комуникации земал 56.433 денари ($ 1,410).
Бранко Геровски, кој е главен уредник на порталот “Плус инфо” и на весникот “Слободен печат” (кои се помогнати од Соросовото “Отворено општество”) во 2014 година инкасирал и личен хонорар од 5.846 денари ($146) од НВО Инфо центар. Тоа не било доволно, пишува “Република”, па неговата сопруга Биљана Илиќ Геровска од Центарот за развој на медиуми инкасирала 48.000 денари ($ 1,200), а во друг наврат претходно нови 7.290 денари ($ 182).
Поранешниот новинар, а сега вработен од една од соросовите организации – ФОРУМ ЦСИД, Александар Николиќ Писарев, инкасирал 901.986 денари ($ 22,549) за последните две години, а пари земал и од Пактис центарот, како и од Плоштад Слобода во висина од 35.871 денари ($ 896). Дополнително во 2014 година инкасирал пари и од невладината организација Цивил во висина од 22.079 денари ($ 550).
Според “Република”, во платеничката револуција е и новинарот на “Фокус”, Саше Димовски, кој минатата година земал 60.000 денари ($ 1,500) од Македонско здружение за млади правници и дополнителни 52.802 денари ($ 1,320) од Центарот за развој на медиуми. Тој и во 2014 година пари земал повторно од Македонското здружение за млади правници како и хонорари од Центарот за развој на медиуми.
Минатата година новинарот Владе Ѓорчев земал 627.599 денари ($ 15,700) и уште еден хонорар од 12.582 денари ($ 310) од Соросовата организација Метаморфозис. Во истата дружина е и новинарот Владо Апостолов, кој минатата година земал 7.290 денари ($ 182) од Центарот за развој на медиуми и имал повеќе исплати од по 16.990 денари ($ 425) од Соросвата ФОРУМ ЦСИД, исплати кои во различни износи продолжиле и минатата година.
На платните списоци е и Сашо Ордановски кој предничи во нападите на власта. Додека тој збори за потребата за демократија тој оваа година си го збогатил џебот со 211.741 денари ($ 5,293) од ФОРУМ ЦСИД, а пари земал и од организацијата ЦИВИЛ. Во 2014-та година инкасирал пари и од Транспарентност Македонија и тоа дополнителни 126.000 денари ($ 3,150).
И професорката Мирјана Најчевска своите услуги ги наплатувала преку соросовата ФОРУМ ЦСИД од каде инкасирала 55.000 денари ($ 1,375), а пари минатата година земала и од Македонското здружение на млади правници.
Дел од аферата платеничката револуција се и новинарите Билјана Секуловска од Нова ТВ, која инкасирала по 7.290 денари ($ 182) од Центарот за развој на медиуми во 2014 година, а истата година од истата организација се офајдил и уредникот на ФОКУС, Зоран Димитровски, пишува “Република”.
Од Центарот за развој на медиуми земал пари и новинарот и сопственик на сајтот А1 Он, Предраг Петровиќ, кој освен поддршката за сајтот земал и додатни 7.290 денари ($182).
“Република” продолжува и со примерот на поранешната уредничка на порталот “Телеграф.мк”, која го напушти местото поради наводни притисоци кои се коселе со нејзините етички стандарди, Ивана Костовска – таа за својот активизам добила и финансиска надокнада од 19.790 денари ($ 495) од Соросовата Центар за развој на медиуми.
Ништо полошо не поминала и новинарката Ида Портуѓер, која од НВО Инфо Центарот во 2014 година земала 17.778 денари ($ 444), а минатата година инкасирала пари и од Центарот за развој на медиуми.
Пари од соросовата Метаморфозис во висина од над 340.000 денари ($ 8,500) земал минатата година и новинарот Горан Ризаов, инаку син на новинарот Ерол Ризаов. Од Метаморфозис за истиот период пари земала и Оливера Војновска од “Утрински весник” во висина од 45.079 денари ($ 1,127).
Новинарот Зоран Бојаровски, кој е и колумнист на “Слободен печат” и Плус инфо, минатата година инкасирал 174.838 денари ($ 4,370) од Соросовата ФОРУМ ЦСИД, а пари земал и од Центарот за развој на медиуми. Дополнително, во претходната фискална 2014 година во три наврати од ФОРУМ на СОРОС земал вкупно 165.448 денари ($ 4,136), пишува “Република” .
Пари за својот активизам земал и главниот уредник на новата ТВ Шења, Мухамед Зекири, кој минатата 2015 година од ФОРУМ ЦСИД земал на два пати по 8.520 денари ($ 210). Од истата оваа Соросова организација пари земале и новинарите Сашка Цветковска од НОВА ТВ, како и Огнен Јаневски од ТВ 24Вести, кој е жесток поборник за правата на ЛГБТ заедницата.
Пари земал и Јофе, односно Јован Постоловски од порталот Либертас. Тој во 2014 година од Центарот за развој на медиуми си инкасирал по 7.290 денари ($ 182), а од истото место пари земал во 2015 година и новинарот на Телма, Дарко Чекеровски, додека пак новинарката Мери Јордановска остварила приход од сoросoвата ЦИВИЛ во 2014 година.
Според “Република”, интересен е фактот што и покрај обвинувањата на опозицијата дека јавниот сервис МРТВ е под жестоко влијание на власта, постојат новинари од овој медиум кои се на платниот список на соросовите невладини. Новинарката Фиљана Кока во последните две години инкасирала примања од соросовиот Центар за развој на медиуми од по 3.750 денари ($ 94).



