По 4 години од формирањето СЈО и наплати штета на новинарката Талевска, а во затвор го прати само Поповски

Работата се повеќе наликува на басната за лисицата која одела ли одела зад прчот, чекајќи “да му паднат” за да ги лапне.
Извештајот на Прибе и итните реформски приоритети ја наметнаа потребата од формирањето на СЈО чија главна цел е да ги истражува кривичните дела кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите.

Дел од „бомбите” ги слушна цела јавност, а токму овие прислушувани разговори беа причина обвинителите на СЈО да почнат истраги за наводните криминали. Специјалното јавно обвинителство беше формирано со Законот за јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, усвоен од страна на Собранието на Република Македонија на 15 септември 2015 година. Катица Јанева беше избрана за јавен обвинител што ќе раководи со ова Jавно обвинителство.
СЈО во најголем дел од изјавите уверуваше, а обвинителката Катица Јанева и денес стои зад тоа дека освен „бомбите” во папките со предметите кои ги застапуваат има и куп други материјални и вербални докази со кои ќе ги поткрепат обвиненијата.
Но речиси четири години по формирањето на овој тим, кој за голем дел од јавноста беше надеж дека ќе се реши проблемот со владеење на правото, од штетите кои се опфатени во обвиненијата се наплати само онаа за затаен данок односно над 27 илјади евра. Правосилна пресуда до сега има за случајот „Тифани”, во кој ѝ се судеше на новинарката Талевска.
Освен за „Тифани” судот пресуда изрече и за случаите „Труст”, „Тенк”, „Титаник 2″… Но таму никаде не се наплати отштета, барем до сега.
Првата пресуда која СЈО ја изрече беше за случајот „Тврдина 2″ и со неа една година и шест месеци ефективна затвроска казна доби Горан Грујевски, но Апелацискиот суд ја укина пресудата.
Укината и вратена на повторено судење беше и пресудата за случајот „Триста” во кој на Ѓоко Поповски му се судеше за нелегална набавка на 300 службени возила во МВР и за тоа доби затворска казна од 9 години. Според оваа првостепена пресуда Поповски требаше да ја надомести нансесената штета на МВР во износ од А$ 756 илјади, но Апелацискиот суд го врати предметот на почеток.
Пресуда беше изречена и за случајот „Тенк”, поранешниот помошник министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски беше осуден на шест години и шест месеци затвор во врска со набавката на луксузниот мерцедес за 600 илјади евра. Второобвинетиот, поранешен премиер Никола Груевски, како поттикнувач за сторување на делото, беше осуден на две години затвор, а поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, во предметот „Тенк” беше осудена на шест години затвор. Апелацискиот суд ги намали казните за Јанкулоска и Поповски на 4, односно на 4 и пол години затвор.
За Поповски во тек е повторената првостепена постапка за случајот „Труст”, а тој е во затвор каде ја одлежува пресудата за случајот „Тенк”. Од затвор за овој предмет временски или не, куртулија Јанкулоска и Груевски.
Поранешната министерка доби упатен акт и од 1 јули требаше да почне со издржување на затворската казна, но доби одложување на издржувањето. Судот и го одложи извршувањето на казната се до одлучувањето по поднесените барања за вонредно преиспитување на правосилната пресуда од страна на Врховниот суд на Република Северна Македонија.
Во затвор за „Тенк” не отиде ниту Груевски кој избега од државата и потоа доби политички азил во Унгарија.
Упатен акт за во затвор доби и Сеад Кочан кој на 17 месецов треба да замине во затвор, но и тој поднел барање за одложување на издржувањето на затворската казна и чека одлука по ова барање. Второстепениот суд му ја намали казната на Кочан од 6 годни на 4 години и 8 месеци, а на обвинетиот Василије Авировиќ наместо затворска казна од 3 години, му беше изрешена алтернативна мерка условна осуда.
Пресуда беше изречена и за сите обвинети во случајот „Титаник 2″ кои беа прогласени за виновни и добија казни затвор. Таа пресуда не е правосилна и е обжалена пред Апелација. Сашо Мијалков доби 3 години затвор за примање награда за противзаконско влијание, Мендух Тачи е осуден на 3 години и 2 месеци, Бедредин Ибраими на 4 години и 6 месеци затвор, Влатко Сајковски доби 3 години затвор, Сашо Срцев 3 години затвор, Анета Стефановска исто така 3 години затвор.
Останатите предмети на СЈО, меѓу кои и „Траектроија”, „Тарифа”, насилството во општина Центар, „Тотал”, „Топлик”… се уште се во првостепена постапка.
Од затвор се спасија и Драган Павловиќ Латас и неговите браќа Срѓан и Звездан, кои беа обвинети за бесправна градба во случајот „Тревник” на СЈО. Судот првостепено ги прогласи за невиновни, ама СЈО ќе се жали.
Според обвиненијата во случаите што Специјалното јавно обвинителство до сега ги има отворено и се наоѓаат пред судот, во Буџетот на државата и во некои општини, обвинетите, ако бидат правосилно обвинети, ќе треба да вратат 197.5 милиони евра. Толкава е процената за штетата направена во случаите “Титаник”, “Тврдина”, “Траекторијата”, “Труст”, “Транспортер”, “ТНТ”, “Трезор”, “Топлик”, “Тендери”, “Тарифа”… СЈО отвора и нови случаи и во тек се истражни постапки.

Останати вести